Зошто Русија ја продала Алјаска?

од Vladimir Zorba

 

 

 

Во 1867 година Русија на САД ја продала територијата на Алјаска за симболични 7,2 милиони долари. Само во текот на првите 50 години од владеењето над таа земја, Американците на неа заработиле барем сто пати повеќе. Како царските чиновници можеле да направат нешто толку бесмислено?

„Руска реч” ја истражува комплицираната приказна за продажбата на Алјаска, во која има малку добри управници и голема лакомост и сомнителни проценки.

Петицијата за припојување на Алјаска на Русија, која е објавена на сајтот на Белата куќа, ја потпишале над 35.000 луѓе. Многу од нив денес сметаат дека Американците Алјаска или ја украле од Русите, или ја земале под наем, па не ја вратиле. Наспроти распространетите легенди, договорот бил чесен и двете страни имале добри причини да го склучат.

Алјаска пред продажбата

Руска Алјаска во 19 век била центар на меѓународната трговија. Во нејзиниот главен град Новоархангелск (денес град Ситка) се тргувало со кинески ткаенини, чај, па дури и мраз, кој бил потребен на југот на САД пред појавата на првите фрижидери. На Алјаска се граделе бродови и се подигнувале фабрики, а се вадел и јаглен. Биле откриени и многу наоѓалишта на злато. Продажбата на ваква територија навистина изгледа како неразаумна одлука.

Руските трговци на Алјаска дошле поради трговија со заби на моржови (кои порано биле ценети исто како слоновата коска) и трговија со скапоцено крзно на фоките, кои го набавувале со размена од староседелците. Со тоа се бавела Руската американска компанија (Rossiйsko-amerikanskaя kompaniя – RAK). Компанијата ја основале авантуристи, руски бизнисмени од 18 век, одважни патници и шпекуланти. Компанијата била сопственик на целото производство и рударство на Алјаска, можела самостојно да склучува трговски договори со другите земји, имала свое знаме и сопствена валута – кожни „марки”.

Овие привилегии на компанијата и ги овозможила царската власт, која не само што збирала огромен данок, туку во неа поседувала и акции. Меѓу акционерите на RAK биле руските императори и членовите на нивните семејства.

„Руски Пизаро”

Главниот управник на руските населби во Америка во времето на нивниот најголем процут бил талентираниот трговец Александар Баранов. Тој градел училишта и фабрики и ги учел староседелците да садат репка и компири. Градел и бродоградилишта и ја ширел трговијата со крзно од фоки. Себе се нарекувал „Руски Пизаро” и се врзал за Алјаска не само деловно, туку и со срцето. Имено, се оженил со ќерката на алеутскиот водач.

За време на Баранов, Руската американска компанија имала огромни приходи: над 1000 отсто профит! Кога Баранов во длабоката старост ги напуштил дејностите, на негово место дошол капетан Гагермејстер, кој со себе донел нови соработници и акционери од воените кругови. Во тоа време според статутот на компанијата можеле да раководат само офицери од Воената морнарица. Воените старешини оваа профитабилна дејност брзо ја земале под свое раководство, но токму нивните постапки компанијата ја довеле до банкрот.

Алчноста и сломот на Руската американска компанија

Новите сопственици си доделиле астрономски плати. Обичните офицери добивале по 1500 рубљи годишно (што било споредливо со платите на министрите и сенаторите), а шефот на компанијата дури 150.000 рубљи, значи 100 пати повеќе! Додека во исто време цените по кои од локалното население го откупувале крзното биле преполовени. Тоа довело до тоа во текот на наредните 20 години Ескимите и Алеутите речиси сосема да ги истребат фоките и Алјаска ја изгубила својата најпрофитабилна дејност. Староседелците живееле во сиромаштија и кревале востанија кои Русите ги задушувале, гаѓајќи ги селата на бреговите од воени бродови.

Офицерите се обиделе да најдат нови извори на приходи. Тогаш почнала трговија со мраз и чај, која лошите бизнисмени исто така не успеале да ја организираат како што треба. Притоа, не им паѓало на ум да ги намалат своите плати. На крајот RAK преминал на државни донации од 200.000 рубљи годишно. Но, ни тоа не ја спасило компанијата.

Тогаш почнала Кримската војна. Против Русија биле Англија, Франција и Турција. Станало јасно дека Русија не е во состојба ни да ја снабдува ни да ја штити Алјаска. Поморските патишта ги контролирале непријателските бродови. Дури и можноста за добивање на злато станала неизвесна.

Се плашеле непријателската Англија целосно да не ја блокира Алјаска, што Русија би ја оставила без никакви можности во однос на оваа територија.

Односите меѓу Москва и Лондон биле се позатегнати, додека односите со властите на САД, кои тогаш не биле светска сила, биле посрдечни од кога било. Идејата Алјаска да се продаде практично истовремено се појавила од двете страни. И баронот Едуард Андрејевич фон Стјокл, претставник на Русија во Вашингтон, на барање на царот почнал преговори со државниот секретар на САД Вилијам Стјуард.

Руското знаме не сакало да се спушти

Додека чиновниците се договарале, јавноста од двете страни се изјаснила против овој договор.

„Како да ја дадеме земјата во чиј развој вложивме толку сила и време, земја во која е воспоставен телеграфот и каде се откриени наоѓалишта на злато?” – пишувале руските весници. „Што ќе и се на Америка 50.000 диви Ескими кои за појадок пијат рибино масло и толкава територија под мраз?” – протестирал печатот во САД и не само печатот. Против купувањето биле и Сенатот и Конгресот.

Па сепак, на 30 март во 1867 година во Вашингтон бил потпишан договор за продажба на половина милион хектари од руската територија на САД за 7.200.000 долари, чисто симболична сума. Толку евтино не се продавало ни необработливото земјиште во Сибир.

Официјалната продажба на територијата била реализирана во 1867 година во Новоархангелск. Американската и руската војска се построиле пред јарболот на знамето, од кое со топовски истрели почнало спуштањето на руското знаме. Меѓутоа, знамето се заплеткало на самиот врв. Морнарот кој се качил да го откачи го фрлил доле и тоа случајно паднало право на руските бајонети. Лош предзнак! Потоа Американците почнале реквизиција на зградите во градот, кој добил ново име – Ситка. Неколку стотици Руси, кои не сакале да примат американско државјанство, биле принудени да се евакуираат со трговски бродови и во татковината стигнале дури наредната година.

По кратко време од дебелиот мраз протекле реки злато. На Алјаска почнала златната грозница во Клондајк, која на САД донела огромно богатство.

Секако дека Русија чувствува жалење. Меѓутоа, никој не може да знае какви односи би завладеале во светот ако не се одиграла оваа купопродажба

Руска реч – Москва

Слични содржини