Зошто се прегласува во Чаир?

од desk4

Бројот на употребени гласачки ливчиња не се совпаѓа со вкупниот број на избирачи кои гласале во вториот изборен круг на избирачкото место со број 2901 во општина Чаир.

Ова е основната причина зошто Управниот суд ја уважи тужбата на БЕСА против Државната изборна комисија поради што ќе дојде до прегласување на ова избирачко место. Крајниот исход може да влијае на изборниот резултат, поради што виси победата на кандидатот на ДУИ, Висар Ганиу, информира Фокус.

За 84 избирачки места за кои БЕСА поднесоа приговори, Управниот суд ја прифати тужбата само за едно. Судот пресече дека тужбените наводи на БЕСА се основани.

Како што појаснуваат од таму, на едно лице му било овозможено да гласа без да се потпише. Прекршувањето на законот е направено од страна на Државната изборна комисија која била должна да утврди дали избирачкиот одбор го спровел гласањето на начин утврден со Избониот законик.

„Судот од увид во изборниот материјал најде дека бројот на употребените гласачки ливчиња и вкупниот број на избирачи потпишани во Изводот од Избирачкиот список кои гласале, не се совпаѓа за едно гласачко ливче, односно има едно гласачко ливче повеќе. Од увид во Дневникот за евиденција на настани, утврди дека од страна на сите членови на избирачкиот одбор бил евидентиран настан, дека едно лице посочено со име и презиме и број на лична карта, без да ја сочека целосната индентфикација земал гласачко ливче и гласал, иако не бил запишан во Изводот од Избирачкиот список за избирачко место 2901“, стои во решението на Управен суд.

Освен тоа од прибавениот изборен материјал на истото избирачко место било утврдено дека има 18 неважечки гласачки ливчиња, а не 17 како што стои во записникот.

„Судот утврди, дека на избирачкото мест 2901, при спроведување на гласањето бил повреден член 108 од Изборниот законик, поради што оцени дека Државната изборна комисија, била  должна при одлучување по приговорот да изврши увид во целокупниот изборен материјал“, се наведува во одлуката на судот во која се поништува гласањето на ова избирачко место.

По однос на тужбите на БЕСА за останатите 83 избирачки места во Чаир, Судот оценува дека се неосновани.

БЕСА бараше прегласување во Чаир затоа што сметаат дека многу од гласовите кои се дадени за нивниот кандидат, од избирачкиот одбор биле отфрлени како неважечки. Освен тоа од партијата тврдат дека на овластените претставници им бил вршен притисок да не ставаат забелешки до општинската изборна комисија по завршување на гласањето.

Во оваа општина имаше вкупно 975 неважечки ливчиња, или 4 отсто од вкупниот број на излезени гласачи./извор Фокус

Слични содржини