📸🎥Сцени како од пеколот: Пожарите во Чиле не престануваат и се шират со голема брзина, животот го загубија 51 лице

од Vladimir Zorba
603 прегледи

Во шумските пожари кои беснеат низ централниот дел на Чиле загинаа најмалку 51 лице, а бројот на жртвите најверојатно ќе се зголеми, соопштија властите, додека пожарникарите се борат да го изгаснат пламенот што им се закануваше на населените области.

Црн чад се издигнува на небото над многу делови од регионот Валпараисо, дом на речиси милион луѓе во централно Чиле, додека пожарникарите користат хеликоптери и камиони за да се борат со пожарот.

Областите околу крајбрежниот туристички град Вина дел Мар се меѓу најтешко погодените и спасувачките тимови се борат да стигнат до сите погодени области, соопштија чилеанските власти.

Бројот на загинати се зголеми отако на патиштата беа пронајдени пет тела, а информациите покажуваат дека „ќе достигне многу поголем број“ во наредните часови, рече министерката за внатрешни работи Каролина Тоха.

„Ситуацијата во Валпараисо е најчувствителна“, рече Тоха, додавајќи дека земјата се соочува со најголемата катастрофа од земјотресот во 2010 година, во кој загинаа околу 500 луѓе.

Претседателот Габриел Борич во телевизиско обраќање ѝ рече на нацијата дека ситуацијата е многу тешка.

Шумските пожари не се невообичаени во Чиле во текот на летните месеци. Минатата година поради рекордниот топлотен бран загинаа 27 лица, а повеќе од 400.000 хектари беа зафатени од пожар.

„Површината зафатена од пожарите денес е многу помала од минатата година, (но) во моментов бројот на погодени хектари расте многу брзо“, рече Тоха.

Помеѓу петокот и саботата, 2 и 3 февруари, површината зафатена со шумски пожари се зголеми на 43.000 хектари од 30.000.

Тоха рече дека владата е најзагрижена поради фактот што некои од активните пожари се развиваат многу блиску до урбаните области „со многу висок потенцијал да ги загрозат луѓето, домовите и објектите“, пренесува Glasistre.

Слични содржини