Стотици спасувачи и вчеравечер и во текот на ноќта трагаа по преживеани по големите ненадејни поплади што го погодија централно-јужното подрачје на американската држава Тексас. Досега е пронајдени 51 загинато лице, од кои 15 се деца, јавија светските медиуми.
Најпогоден е округот Кер, во близина на големиот град Сан Антонио, каде загинале 43 лица. Таму се трага уште по 27 исчезнати деца од христијански летен камп за девојчиња до реката Гуадалупе, која поради ненадејниот „100 годишен дожд“ за само неполни два часа се искачила за речиси 7 метри и поплавила голема површина.
„Работата продолжува и ќе трае сѐ додека не ги пронајдеме сите“ порача вчеравечер Лери Лејт, шерифот на округот Кер.
Поплави имаше и во други делови на Тексас, каде исто така има загинати луѓе, во тек се операции на трагање и извлекување.
Да биде состојбата полоша, и за денеска постојат големи изгледи за големи поројни дождови и брзи поплави.
До ноќеска во повеќе подрачја на Тексас биле спасени 850 луѓе. Според властите на Тексас, продолжуваат операциите за спасување, не само за пронаоѓање на загинати, бидејќи во продолжениот викенд поради Денот на независноста 4 Јули, во поплавените подрачја имало голем број луѓе што кампувале во природа.
Лорина Гилен, на чиј плац покрај реката имало 28 возила на излетници, била сведок како најдодената река Гуаделупе повлекла петчлено семејство. Тие извесно време се држеле за гранки на дрвја и барале помош, но реката потоа ги одвлекла.
„Беа носени… Се држеа за дрвјата за да се спасат. Но спасувачите не можеа да дојдат до нив“, вели Гилен, која ги загубила и својата куќа и ресторанот во поројната поплава.