Илајџа Аренас, син на поранешната НБА Ол-стар ѕвезда Гилберт Аренас, моментално е во индуцирана кома по тешката сообраќајна несреќа во Лос Анџелес во четвртокот, објави познатиот спортски новинар од САД, Шамс Чаранија.
Како што пренесува „TMZ“, Аренас Јуниор возел „Tesla Cybertruck“ кога, од непознати причини, ја изгубил контролата врз возилото и удрил во дрво или противпожарен хидрант, по што автомобилот се запалил.
Илајџа има само 18 години и моментално е ученик во трета година во средното училиште „Чатсворт“. Како и неговиот татко, тој е на добар пат да развие импресивна кошаркарска кариера – оваа сезона имаше просек од 33 поени и 8,6 скока по натпревар, привлекувајќи го вниманието на бројни американски универзитети.
Веќе прифатил понуда од Универзитетот во Јужна Калифорнија (USC), иако за него биле заинтересирани и Аризона, Канзас, Кентаки и Луисвил. Тој требаше официјално да стане студент во текот на летото и да се приклучи на универзитетскиот тим.
Помладиот Арена беше дел и од престижниот „Ол-Американ натпревар“ на „Мекдоналдс“, настан на кој се претставуваат најдобрите таленти од средните училишта во САД, презентирајќи ја иднината на кошарката пред скаутите, тренерите и медиумите.
Степенот на повредите и прогнозата за закрепнување засега се непознати, но спортската заедница низ САД изразува загриженост и поддршка за семејството Аренас во ова тешко време.