Ѓорѓевски: Ако не треба да се разговара за Охридската архиепископија, зошто тогаш се разговарало за основоположникот на МПЦ-ОА Св. Климент Охридски?

од Nikola Popovski

Дебатата на последниот состанок на Мешовитата комисија за историски и образовни прашања меѓу Македонија и Бугарија била за МПЦ-Охридската архиепископија. Бугарските историчари побарале да се промени начинот на кој таа е претставувана во нашите учебници. Копретседателите на Комисијата од македонска и бугарска страна, Драги Ѓоргиев и Ангел Димитров, во одделни изјави пред медиумите потврдија дека биле блиску до договор, имало конструктивна атмосфера, но сепак во последен момент не можеле да се усогласат.

Дел од црковните аналитичари со посебна внимателност гледаат на ова прашање. Според верскиот аналитичар и новинар, Бранко Ѓорѓевски нема ништо спорно во отворањето на прашањето на МПЦ-ОА во македонските учебници по Историја, па ни околу Охридската архиепископија.

Тој во разговор за „Локално“ вели дека учениците во македонските училишта во своите учебници по историја и досега имаа и имаат наставни содржини поврзани со црковната историја, со Охридската архиепископија, со духовните дејци какви што беа Свети Кирил и Методиј, Свети Климент Охридски, Свети Наум Охридски.

-Историјатот на МПЦ-ОА е недовоив дел од општата македонска историја и потребно е тој да се изучува за да најмладите генерации ја запознаваат сопствената историја. Неприфатлива ми е тезата дека тоа е „мешање во црковните работи“, дека „Црквата е одвоена од државата“ и поради тоа Црквата и нејзината историја не треба да се третираат во наставните учебници. Црковна историја е поврзана со световната историја, тие се практично испреплетени и не знам како е можно тие да се одвојат. Зарем да дојдеме во ситуација да не се изучува делото на Свети Климент, на Свети Наум, на Охридската книжевна школа, историјатот и значењето на Охридската архиепископија, нејзиното укинување, возобновување во лицето на МПЦ-ОА, прогласување на автокефалноста во 1967 година и сега претстојното добивање на автокефалноста!? Тоа ми е неприфатливо, појаснува Ѓорѓевски.

Не постојат ни посебни причини овие теми – содржини во учебниците –  да се третираат од страна на Мешовитата македонско-бугарска комисија за историски прашања, прецизира соговорникот.

-Да не се навраќам на причините за нејзиното формирање и за задачите кои таа ги има. Ако таа досега се бавела со личностите какви што се Свети Климент, Свети Наум, Самуил, Гоце Делчев… не гледам причина зошто Охридската архиепископија би била надвор од интерес и не би се уточнувале фактите околу неа, бара Ѓорѓевски.

Аналитичарот смета дека барањата Охридската архиепископија да не се третира од стана на Комисијата во основа се поради „стравот дека нашите членови од македонскиот тим ќе попуштат под бугарските барања на ОА да и се даде „бугарски карактер“.

-Тоа е една апсурдна бугарска теза за која нема основ, но којашто се вклопува во оние нивни појдовни позиции со кои се негира македонскиот идентитет и се сака прифаќање на нивната теза дека македонскиот идентитет има „бугарски корени“. Од тие причини се стравувањата во јавноста, дека ќе се попушти, дека ќе се прифати нешто што ќе сугерира дека ОА има „бугарски карактер“. Се надевам дека нашите членови во Комисијата со докази ќе се спротивстават на ваквата стратегија и намерата. Односно, дека нема да прифатат ништо што е надвор од научното. Не е ова никакво мешање во црковни работи. Ако не треба да се разговара за ОА зошто тогаш се разговарало за основоположникот на МПЦ-ОА Свети Климент Охридски, за Свети Наум, зошто се разговара за Гоце Делчев? На крајот на краиштата, Синодот на МПЦ-ОА си го поддржа Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија и она што сега се прави е реализација на тој договор, објаснува Ѓорѓевски.

Тој оценува дека наставните содржини во учебниците по Историја врзани за црковната историја не треба да ги пишуваат црковните членови или теолози. Додава дека ако така се прави, тогаш, кој ќе ја пишува историјата на Првата, Втората светска војна.

-Воените команданти, војници, раљзузнувачи…, сите оние кои биле вклучени во воените дејствија оти, нели, тоа е нивна област? Секако дека не. Историјата треба да ја пишуваат историчарите ослободени од какви и да е надворешни притисоци. Теолозите, црковните членови, воените команданти, и сите други вклучени во настаните кои стануваат дел од историските случувања имаат начин да остават граѓа за историчарите преку мемоарите, сведоштвата, записите, автобиографиите…, укажува црковниот аналитичар.

На прашањето зошто баш сега бугарските историчари од Мешовитата комисија доаѓаат со барањето за ОА, Ѓорѓевски вели дека тука треба да се бараат бугарските мотиви.

-МПЦ-ОА е пред признавањето на својата автокефалност. Се чека томосот за автокефалност од Вселенската патријаршија со кој ние ќе бидеме означени како Црква-наследничка на Охридската архиепископија. Тоа е значаен чин, огромно значење има тој факт дека нашата Црква се легитимира како континуитет на ОА. Тоа е најдобар црковен одговор од една најмеродавна црковна институција каква што е Вселенската патријаршија на сите бугарски аспирации и претензии. Српската црква, пак, ни го признава името Македонска православна црква – Охридска архиепископија, изјави аналитичарот.

Според него, „не ѝ преостанува ништо друго на бугарската страна освен да направи некаков обид да си ја присвои Охридската архиепископија“. Порачува дека тоа е очекувано и се навестуваше и од одлуката на Синодот на Бугарската православна црква, во чиј Устав пишува дека е наследничка и на ОА, да не именува како Православна црква во Северна Македонија.

-Сето тоа укажува на бугарска непомирливост со фактот дека наследството на ОА е во Македонија, дека е потврден нашиот историски континуитет со ОА. Тие сега треба да се соочат со таквите факти а тоа е многу тешко и ќе се одбегнува на секој начин и ќе се прават обиди за докажување на „бугарскиот карактер“ на ОА со сите средства, додава Ѓорѓевски.

Соговорникот се сложува дека црковното прашање се издигнува на политичко ниво со значење на идна блокада на земјава на евроинтеграцискиот пат.

-Во крајната линија зад сето ова стои еден таков политички мотив. Повторувам, бугарската страна ќе ги користи сите оружја и сите фронтови за да си ги исполни своите стратешки цели и тези во однос на Македонија и на македонскиот идентитет, вклучувајќи го и црковниот. Се бара,  нели, внесување на Бугарите во Уставот, се бара ревизија на минатото, а посебен фронт е во Комисијата за историските прашања на чија маса се изнесуваат ваквите барања за „бугарскиот карактер“ на настаните, на личностите. Ова ќе биде долг дуел, долго докажување на наши но и нивни тези. Од тоа веќе не може да се бега со оглед на тоа што веќе е започнат скрининг-процесот и се работи на уставните промени по кои реално би започнале нашите преговори за членство во ЕУ. Не треба да се има дилеми дека ќе има закани, дека ќе има нови блокади на тој евроинтеграциски пат од страна на официјална Софија која што се грижи и за барањата на својата Црква. Но, од тоа не треба да се бега. Ние треба само да продолжиме да ја докажуваме нашата вистина. Повторувам, стравот во јавноста е дека ќе се попушта пред бугарските барања и членовите на нашиот тим во Комисијата повторно се на тестот да докажат дека ќе опстанат на веродостојни историски факти, заклучува Ѓорѓевски.

Премиерот Димитар Ковачевски денеска исто така се огласи по ова прашање и нагласи дека македонско-бугарската историска комисија воопшто не разговара за дефинирање на статусот на МПЦ-ОА.

-Утрово Историската комсија имаше соопштение во кое што во детали објаснија во кој аспект ги анализираат историските периоди и исто така потврдија дека воопшто не се разговара за статусот на црквата од било кој аспект. Сметам дека сите оние кои даваа изјави врз основа на шпекулации и треба да се почекаат официјалните соопштенија, потенцира Ковачевски.

Бугарската страна, додаде тој, си дава изјави за себe, а она што е валидно е само кога Историската комисија со сите 14 члена ќе има консензуален став за кое било прашање и, како што истакна, се друго се изјави коишто немаат никакво влијание врз финален резултат на работата на Историската комисија.

Н.П.

Слични содржини