Ѓорчев: Доколку му ставиме црн печат на Костадинов, Бугарија ќе одговори со поригорозна реакција и ќе забрани влез на наши дипломати

од Nikola Popovski

Нема што да се коментира, тој е познат националист и со позната реторика. Треба да се игнорираат таквите изјави бидејќи таа реторика трае долго време. Тоа не е ниту основно сидро на бугарската политика, вели во разговор за „Локално“, поранешниот македонски амбасадор во Бугарија и добар познавач на македонско-бугарските односи, Марјан Ѓорчев за последните контроверзни изјави на бугарскиот пратеник и лидер на партијата „Преродба“ Костадин Костадинов.

Ѓорчев вели дека Костадинов со ваквите изјави ѝ штети и на Бугарија.

-Од наша страна треба да се игногрира затоа што не е европски и цивилизациски бидејќи повикува на враќање на 19-ти век и Берлинскиот конгрес. Треба да бидеме достоинствени и да одговориме дека тоа што го повикува пратеникот не е во духот на развој на добрососедските однос и е антиевропски, оценува соговорникот.

Во однос на прашањето за дали треба да се забрани влез во земјава на лица и политичари со вакви провокациски и иредентистички изјави, Ѓорчев вели дека тоа треба да биде поврзано со политиката на Владата на Македонија која што треба да заземе став.

-Сепак тој е застапник на Бугарскиот парламент. Се работи за проценка дали треба да паднеме на ваквите провокации. Тој е дел од официјална бугарска власт, меѓутоа би прашал зошто нашите медиуми ги пуштаат такви изјави? Тие треба да бидат игнорирани и да им се докаже дека не се интересни за Македонија. Нашите медиуми не треба воопшто да ги интервјуираат такви личности. Ние знаеме кој е Каракачанов и можам да кажам дека е дури поблаг од Костадинов. Не треба да им посветуваме внимание. Со нивното игнорирање тој нема да биде интерес. Пратеникот беше дојден за нашите медиуми да трчаат по него, за тој да ја каже неговата теза „еден народ, две држави“, рече Ѓорчев.

Поранешниот амбасадор вели дека Костадинов има дипломатски пасош и од аспект на култура и цивилизација, тој може да доаѓа во земјава, но треба да биде игнориран.

-Чувствително прашање е и задира во она што се вика меѓународна дипломатија и односи меѓу две држави. На таква наша реакција со црн печат, следува може уште поригорозна реакција и нашите дипломати од Македонија исто така да им биде забранет влез во Бугарија. Тогаш расте тензиите и нетрпеливоста, истакнува Ѓорчев.

Соговорникот додава дека за можната забрана за влез на преставници на бугарските институции, таа мерка треба да биде добро проценета и континуирано да се следат тие работи.

-Ако има пречекорување на тие дипломатски овластувања, да се реагира тогаш, дециден е поранешниот амбасадор.

Ѓорчев апелира дека за некои работи треба да бидеме многу внимателни и да кажеме тоа што Македонија ќе ја афирмира како културна, цивилизирана, воспитана земја и на провокациите да одговориме со ум, а не со емоции.

-Кога некој ве провоцира, три пати треба да помислите, а дури потоа да донесете одлука, порачува поранешниот македонски амбасадор.

Костадинов во петокот на отворањето на новите простории на Бугарскиот културно-информативен центар во Скопје изјави за медиумите дека „Македонија и Бугарија треба да бидат една држава која ќе се протега до Охридското езеро“.

– Се разбира, Македонија е втора бугарска држава. Секој Бугарин во Бугарија ја сака Македонија, ние сме еден народ, зборуваме еден јазик и имаме заедничка култура. Јас ништо не ве убедувам, имате глава на рамењата. Јас ви велам, ли како да се чувствувате? Зошто тогаш на луѓето тука кои сакаат да се чувствуваат како Бугари им забранувате така да се чувствувааат? Со вас зборувам еден ист јазик, се разбираме. Јас немам против да чувствувате како Македонци – рече тој.

Министерството за надворешни работи и премиерот Димитар Ковачевски ја осудија ваквата изјава на Костадинов, при тоа премиерот изјави дека Костадинов и сличните политичари со такви провокаторски изјави повеќе не се пожелни во земјава.

-Непримерно е човек кој е дојден како гостин во земјава да се однесува на таков начин. Вчера имавме чин на отворање на културен центар како што личи со министер на култура, на ист начин како ние што ќе отвориме во Благоевград. Такви политичари како тој вчера и уште еден што правеше видеа со мене, воопшто не се пожелни во нашата држава бидејќи тие не знаат друга политичка агенда освен ширење на немир и нетрпеливост меѓу двете земји и граѓаните, само заради свој политички интерес. За мене лично, таквите политичари воопшто не мора да доаѓаат тука, револтирано изјави Ковачевски.

Н.П.

Слични содржини