Ѓурчески за македонското ФБИ: Подобро плата од 2000 евра за јавниот обвинител отколку средства за создавање полиција во полиција

од Nikola Popovski

Пратеникот и лидер на Дeмократски сојуз Павле Трајанов предлага формирање македонско ФБИ – независна агенција, која според него ќе открива тешки кривични дела од организиран криминал, ќе го открива криминално стекнатиот имот на политичарите, ќе предлага конфискација на имот и забрана за политичко дејствување. Тој веќе го подготвил и законскиот текст, при што смета дека вработените во агенцијата кои би требало да бидат околу 50 треба да имаат посебни овластувања. Предлогот е овие вработени да имаат плата од околу 2000 евра, со кои примања, според Трајанов, ќе се намали можноста за нивна корумпираност и ќе имаат можност професионално да ги извршуваат истражувањата за криминал и корупција. Тој смета дека ова независно тело треба да има директор поставен од борд од 15 члена од повеќе области, меѓу кои професори, новинари, обвинители, пратеници.

На прашањето дали е потребна уште една ваква институција, слична на веќе постоечките, за „Локално“ анализираше поранешниот началник во Министерството за внатрешни работи и помошник-директор на Криминалистичка полиција, Љубомир Ѓурчески. Тој тврди дека тоа би било само зголемување и на онака големата администрација, создавање на полиција во полиција.

Љубомир Ѓурчески

-Што сака сега Павле да правиме? Обвинителство над обвинителство? Па имавме СЈО кое беше противуставно, па гледате што ни се случи – највисока корупција. Државниот јавен обвинител е единствен овластен да гони сторители на кривични дела. Тој е тој кој што пред Судот во постапка бара конфискација на имот. Зошто ни е сега уште една квази-институција?, прашува експертот.

Тој порачува дека нема потреба за ваков предлог.

-Ние како мала држава имаме доволно институции и доволно законска регулатива за да се бориме против организираниот криминал. Го имаме Одделот за организиран криминал во МВР кој што е стручен и имаше вработени кои беа најдобрите професионалци кои што го поминале сите скалила. Таква институција не ни е потребна. Имаме и Финансиска полиција во чија надлежност се даночните затајувања, фалсификувањето и уништувањето на деловните книги и злоупотребата на службената положба. Во Царина имаме Оддел за истраги и мобилни екипи. Имаме Јавно обвинителство кое е единствено надлежно согласно закон и обврзано во постапките со поднесување обвинителен акт, да побараат соодветни заштитни мерки како конфискација на имот, задржување на имот. Тоа е исклучива надлежност на Обвинителство, порачува Ѓурчески.

Поранешниот началник вели дека во светот има два методи за борба против организираниот криминал.

-Едниот е правен, судско обвинителски и тогаш ќе зборуваме за некој нов Фалконе, другиот е полициско-граѓански метод односно примена на такви средства на насилство какви што применува мафијата. САД во 20-тите години од минатиот век кога се најдоа на удар на мафијата и кога се распаѓаше државата, го измислија Елиот Нес, му дадоа скратена сачмарка и го пуштија на улица. Не можете со апели да се справувате со некои кои се бркаат со автомобили и пукаат и може да имаат недолжни жртви. Затоа викам ако не можете поинаку да ја присилите мафијата да се соочи со законот за сторените кривични дела, тогаш има други средства. Тоа ме плаши што во Македонија овие вторите средства кои што не се пожелни и не ги посакувам, но партиите создаваат услови за крвопролевање за криминал, оценува соговорникот.

Ѓурчески е дециден дека јавниот обвинител треба да се избира на непосредни избори од граѓаните со 9-годишен мандат, а ако не даде резултат, да одговара за злоупотреба на службена положба со минимум казна од 5 години затвор.

Основно јавно обвинителство

Експертот го коментираше и предлогот на Трајанов вработените во новата Агенција да земаат плата од 2000 евра, што според лидерот на Демократски сојуз, би значело намалување на можноста за нивна корумпираност и ќе имаат можност професионално да ги извршуваат истражувањата за криминал и корупција.

-Ако сакаме да градиме држава, треба да имаме еднаков однос кон целокупната државна администрација. Социјалниот статус на државната администрација треба да го крои државата и Владата согласно приливот во Буџетот. Не смееме како држава вкупниот државен апарат – лекарите, професорите да ги доведеме да бидат лесно подмитливи. Сите тие треба да имаат добар социјален статус. Вие да ги кренете акцизите до тоа ниво и да имате 230 милиони евра за увоз на струја заради интерес на енергетската мафија во Европа на чие чело стои Република Германија и сега да се расправаме дали еден професор во средно или високо образование кој што треба да создаде кадар, дали не треба да зема плата барем 1000 евра?, прашува Ѓурчески и додава:

-Зошто да земаат тие 2000 евра, па нека му даде 2000 евра на јавниот обвинител и да ги зголеми платите на постоечките служби? Сите треба да имаат социјален мир тие што работат и ја штитат државата. Постоечките служби треба да бидат подобра платени, не екстра, туку како што растат платите во сите институции, треба и во тие служби. Не може човек со високо образование во оваа држава каде сака нека работи, да зема помала плата од 1000 евра. Не може новинар да биде социјален случај. Тој утре ќе биде подложен на мито. Сите служби се битни во државата, ни рече поранешниот началник.

Н.П.

Слични содржини