Јаневски во 2023 година очекува линии Тел Авив-Скопје, Белград-Охрид од мај 2023, чартер за Сараево или Бања Лука

од Vladimir Zorba

Предизвикот на Отворениот Балкан веќе ја зголемува конкурентноста во малите дестинации. За многу брзо време треба да излеземе на мегдан со Србија, со Албанија и да докажеме дека можеме, дека знаеме, дека сакаме. Инфраструктурата која е развоен елемент во целата економија, која мораме да ја обновиме, и да овозможиме нашата дестинација да биде многу повеќе поврзана авионски со останати дестинации. Тогаш нема да говориме за Отворениот Балкан на три земји, бидејќи Адријатик регијата е регија која азиските туристи ја перцепираат како една дестинација, всушност, нивните тури од 14 до 21 ден треба да овозможат во нив да биде вклучена и Македонија како дестинација. Сараево-Скопје, Љубљана-Скопје, Белград-Охрид, поврзување на нашиот главен град со повеќе главни градови и дестинации од Европа. Затоа нашиот напор во 2020/2021 година да создадеме зелени зони во туристичката индустрија за брзо патување на туристите вродија во плод. Во 2022 година имаме 50% зголемување на српските туристи, ако ги гледаме споредбено со 2019 година, вели Љупчо Јаневски, директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот во интервју за „Агротим“.

„Ако „Дома си е дома“, кампањата што ја одбележи пандемијата во 2020 година беше насочена само на два милиона туристи, домашни, бидејќи не можевме да патуваме, тогаш „Дома си е дома“ во 2023 година е на 12 милиони туристи. Тоа значи дека ефектите треба да бидат уште поголеми. Ние ќе имаме можност непречено, по брзи коридори и зелени зони, да овозможиме брз трансфер на патници, многу брзо. Туристите од Отворениот Балкан нема да ја осетат границата, туку нивното поминување и царинските контроли ќе бидат уште побрзи. Велиме дека туристичката индустрија не познава граници. Познава само дестинации. Отворениот Балкан е типичен пример. Без разлика на сè, туризмот и туристичката дипломатија поврзуваат дестинации. Ние треба да изградиме мостови помеѓу нас, мостови коишто се срушени, коишто се доволно расклатени, да создадеме поголемо патување и дружење, поголема социјализација и истражување.

Пред неколку месеци во врска со Отворениот Балкан реков: Не е возможно да се патува од Охрид до Белград 7, 8 или 10 часа со автомобил. Тоа треба да биде 45 минути до еден час. Истата практика треба да ја имаме насекаде во регионот. Во многу брзо време очекувам меѓународен тендер на кој ќе имаме пројавен интерес од повеќе нискобуџетни компании кои ќе овозможат летови кои не само што ќе им бидат исплатливи, туку дестинации од кои во туристичката индустрија ќе генерираме повеќе туристи.

2023 година очекувам да биде обележана со неколку нови линии. Долгоочекуваната Тел Авив-Скопје, Белград-Охрид од мај 2023 двапати до трипати неделно, чартер линија за Сараево или Бања Лука, дополнителна чартер линија од Измир за Охрид, се надевам дека ќе се реализира линијата помеѓу Анкара-Скопје“, порача Јаневски.

Слични содржини