Јовановиќ: Двете десничарски партии, персонифицирани во Апасиев и Мицкоски се опасни и по безбедноста на државата

од Берта Китинска

Случувањата и провокации во Благоевград на отворањето на македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ , од наша страна, поточно од страна на ВМРО-ДПМНЕ и Левица, можат директно да влијаат на односите помеѓу Скопје и Софија. Зарем не гледате дека тоа е очигледна тенденција? ВМРО-ДПМНЕ и Левица, да бидам крајно отворен, со луѓето дома и со соседите надвор, се однесуваат брутално, со провокации, а нивната намера е да има тензии, вели во разговор за „Локално“, политичкиот аналитичар Ненад Јовановиќ.

Според него „народот“ односно гласачко тело на овие две партии се држи „со тоа што го плашат, до вчера беа Грците, па беа соросидите, а денес се Бугарите“.

-Така работи национализмот – секогаш во соседот препознава непријател. Така го јакнат своето националистичко ткиво внатре во земјата. Нивниот „народ“, тоа гласачко тело, практично го држат во константна мобилизација со тоа што го плашат, до вчера беа грците, па беа соросидите, а денес се Бугарите. Тие луѓе мора да се во перманентна омраза. Овие две политички партии се рак-рана на ова општество. Дозволете уште попластично да ви ги опишам: замислете некоја провинциска кафана или биртија на периферијата од градот. Понесени од моќ, слава и „историска оправданост“ – или едноставно кафанска музика и лоша ракија – па ја кршат и кафана и музиката и келнерите и газдата и гостите и сите „комуњари“ кои, ако случајно тамо се затекнале. И секогаш смрди на дим, на ќумур, на прасечко и ракија. Е, така изгледаат нивните меѓучовечки односи, како дома, така и кон соседите. Немојте да бидеме наивни. На ваков начин ја разбираат и државата и политиката, појаснува тој.

Во врска со потегот на лидерот на Левица, кој на Бугарите во Благоевград кои пуштаа фашистичка музика им го одзеде УСБ-то , Јовановиќ коментира дека не е изненаден, но сепак не е запознаен за оваа информација.

-Јас не сум го гледал Апасиев што во Благоевград правел, а не сум ја прочитал веста дека украл некаков стик. Но, ништо не ме изненадува. Мене ми е доволно да знам што неговите наредбодавачи работат во регионот, и сликата за него е повеќе од јасна. Апасиев е буст-вакцина на ВМРО-ДПМНЕ. Апасиев е „корисен идиот“ на десницата. Тој е тука на десницата да и’ помага со говор на омраза, неговите ботови да шират хистерија по социјалните мрежи, а порталите на ВМРО-ДПМНЕ да го пренесуваат. Јас не знам било кој човек, барем оној што држи до себе, да се надева својот живот да му го препушти на Апасиев, на тој бизарен хипстер и занесењак, вели тој.

Во врска со предврмените избори, аналитичарот е дециден дека избори нема да има, „барем од најавите кои ги кажа премиерот на социјалдемократите Ковачевски“.

-Сепак, динамиката на изборите ја води извршната власт, а не лошата опозиција. Во време на криза, никој нормален не посакува избори, но од друга страна, во парламентарна демократија, изборите се случуваат на четири години. До сега, што се однесува до изборите, Ковачевски е мирен и стабилен, нема никаква причина да се оптеретува со тоа прашање. Од друга страна, ситуацијата на ВМРО-ДПМНЕ – посебно во градот Скопје – е рамно на фијаско. Тие тоа добро го знаат, башка пред неколку денови ги фатија со рачињата во мед, во криминал од преку 130 милиони евра. Градоначалничката на Скопје, гледаме, се испостави како катастрофално решение за граѓаните на Скопје. Јавните претпријатија во главниот град, или дел од јавните претпријатија, се во колапс, меѓучовечките односи во водењето на главниот град се катастрофални, појаснува тој додвајќи дека во таков контекст, популистичката ВМРО-ДПМНЕ и Левица, „што друго би правеле, освен она кое најдобро го знаат – кавга дома и кавга со соседите“.

-Што полошо за државата и граѓаните, тоа подобро за нив. Тоа е логиката на Мицкоски и Апасиев. Отсекогаш ловеле луѓе кога е криза, кога ништо не е извесно. И оттука го влечам следниот заклучок: двете десничарски партии, персонифицирани во Апасиев и Мицкоски, се опасни дури и по безбедноста на државата и животите на граѓаните, вели тој.

Слични содржини