Јовески до јавните обвинители: „Верувам дека секој од вас ќе знае да го направи вистинскиот избор“

од Stefanija Kuzmanovska

Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Љубомир Јовески, упати порака до јавните обвинители во врска со гласањето за основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, соопшти Јавното обвинителство.

„На 7 ноември се спроведува гласањето за избор на основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. За првпат, согласно новиот Закон за јавното обвинителство, изборот за основен јавен обвинител на тоа обвинителство се врши со гласање на сите јавни обвинители во државата. Ваквиот начин на избор дава можност директно со вашиот глас да влијаете за подобрување на состојбите во Јавното обвинителство. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е важен дел од обвинителската структура, а функцијата прв човек на ова обвинителство е моќна, но и многу одговорна“, нагласи Јовески.

Тој потсети дека за изборот се пријавиле четворица јавни обвинители.

„Сакам да ве повикам сите слободно и растоварено од какви било влијанија и притисоци да го дадете својот глас за оној кандидат кој има најдобра програма и визија за идното функционирање на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Верувам дека секој од вас поединечно ќе знае да го направи вистинскиот избор, а сите заедно како јавни обвинители ќе покажеме дека имаме јасна цел за независна и силна јавнообвинителска организација“, порача Јовески во пораката до јавните обвинители.

Слични содржини