Ќе стигнат ли парите за субвенциониран оброк пред Нова година? Студентите скептични, МОН без јасна проценка

од Mimi Spasovska

Славчо Темелковски од Универзитестото студентско Собрание на Универзитетот Светки Кирил и Методиј во Скопје очекува државата до пред Нова Година да им ги исплати на студентите парите за студентски оброк за период од два и пол месеци.

До неговата изјава доаѓа по еден месец од јавно изразеното незадоволство од законските измени за кратење на можноста сите студенти да земаат студентски оброк, што прерасна во протест на дел од студентите во државата, а заврши со договор низ работни групи да се решаваат проблемите.

Во моментов се обработуваат податоците во Управата за јавни приходи по што треба да имаме финална бројка колку студенти треба да земаат пари за оброк, вели Темелковски за „Локално“.

Славчо Темелковски

Славчо Темелковски

„Ние силно притискаме парите да бидат исплатени до 15 декември, а доколку не бидат исплатени дотогаш, тогаш очекуваме тоа да биде до крајот на годината кога очекуваме ретроактивно на студентите да им бидат исплатени парите за оброк за два и пол месеци – за пола септември, октомври и ноември“, посочи Темелковски.

Со досегашното решение во Законот за студентски стандард околу 40.000 македонски студенти на додипломски студии почнаа да добиваат по 2.400 денари месечно за здрава храна.

Оваа година студентите со  протестот издејствуваа барем да  нема  кратење на правото сите да  добиваат  пари од државата, иако засега не добија  повисок студентски  оброк  од 120 на 140 денари.

Договорено е  до 15 март сумата да се исплаќа според старите правила, а се бара системско решение на проблемот кој има социјална природа и треба да го подобри квалитетот на животот на студентите во време на енергетска и економска криза.

Студентите се скептични дека ќе ги добијат пред Нова година

Студенти велат дека се е поскапено – од кафиња до тостови во бифеата и сендвичарите кои се наоѓаат во близина на факултетите.

Студентката Весела Трајкоска вели дека скапо е да се биде студент зашто  храната е поскапена.

„Живеам со моте дома. Парите за студентски оброк  нема да ми сменат многу,  ама за други студенти не е така.  Јас можам да си понесам храна и од дома,  но се обидувам да не зависам толку од моите родители, па тие 2400 денари месечна субвенција  од државата иако не се многу, не се ни ништо, еве откако почнавме да одиме на факултет за јадење, сендвичи, тост или кафе да купам тоа се најголемите трошоци во моментов што ги имам. Во бифето се регулираат цените на тендер,  но околу факултетот  во киосците каде што може да се купи храна не е баш ефтино, на пример тост е 100 денари, а порано мал тост беше 30 денари,  а 50 денари голем тост, а и дел од местата каде што се купува храна затворија зашто немаа промет во пандемијата“, вели Весела.

Но, нејзините колеги од внатрешноста студирањето во Скопје ги чини  поскапо со оглед на стандардот во главниот град, а поскапен е и меѓуградскиот автобускиот превоз и тоа е дополнителен трошок за студенти кои  во викендите се враќаат дома.

Прашан како му изгледа студентите да продолжат како и лани да добиваат помош од државата од 2400 денари за храна, Емилијан Котестки  вели дека со таа сума не можат многу да си обзебедат, но сепак, „таман е за пазарење на храна во маркет“, иако  ќе биде изненаден ако парите им бидат исплатени пред Нова година.

„Лани земав пари за студентски оброк, поднесов барање и за оваа година, а дали и кога ќе стигнат ќе видиме. ..Колку ни значат тие 120 денари? Подобро нешто отколку ништо. Сумата е ниска -за 120 денари тешко може да се купи оброк по последниве поскапувања годинава на храната, но добро е што се исплаќаат на крајот од месецот и ќе се искористат за оброк или да купите нешто во маркет за поголема сума.  Треба да се зголемат, но подобро е нешто да имаме отколку ништо.  Ама, не очекувам да ни ги исплатат пред Нова година. Сведоци сме дека се се случува споро во државава и ќе бидам изненаден ако се случи исплатата порано односно пред Нова Година. Иницијално е ветено дека на 15 декември, ќе се исплатат , но тоа е за некој ден… не верувам. Инаку убаво би било, би ги искористил за храна од маркет, за тоа ги користев и лани“, смета Емилијан, студент од Крушево кој престојува во студентски дом во Скопје.

МОН  во моментов разгледува околу  30 000 апликации 

Од Министерството за Образование и Наука  не прецизираат кога студенти ќе ги добијат парите за ветениот студентски оброк. Во моментот се уште се разгледуваат апликациите од студентите.

„До 5 ти декември траеше конкурсот за субвенциниран оброк и сега во МОН се разгледуваат апикациите кои се  околу 30 илјади на број.  Откако ќе се разгледаат апликациите, треба да се донесат решенија за нивно одобрување и тогаш ќе следи ретроактивна исплата на парите за период од 15 септември до моментот на исплатата.  Потребно е време за да се компарираат податоците во апликациите согласно условите од конкурсот.  Потоа треба  да се донесат решенија, па ќе почне исплатата“, објаснуваат од МОН за „Локално“.

Инаку студенти во ноември  освен  решение за студентскиот оброк  побараа и изедначување на стипендиите со повисокиот износ, подобрување на условите во студентските домови, и за студентите да не важат антикризните мерки на Владата за рационализација и штедење на струја.

На прашање што е сменето по еден месец, а на што треба да се работи, Темелковски од Универзитетското студентско собрание, кое е најголем застапник на студентите на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“  вели дека  во моментот се одвиваат активностите во  работните групи

„До крај на годината треба да имаме една драфт верзија од новиот предлог закон, кој претходно беше работен како дел од групата за младински стандард, и верувам дека текстот ќе претрпи некои промени, но тие промени нема да бидат многу големи, значи се знае кои се нашите барања-  почетна цена од 140 денари за студентски оброк , и  ресторани и маркети за 30 проценти помалку да ја даваат цената за храна за студенти, и изработка на картички на кои ќе бидат префрлани средствата. Генерално тоа се нашите барања по однос на оброкот, работните групи пак ќе кажам течат и како дел од Законот за младински стандард и како дел од посебна работна група“, вели Темелковски.

Во врска со Антикризните мерки за штедење енергија, Темелковски  вели дека тие  се одлука на влада која важи за сите државни институции но оти издејсвувани се промени таку каде што тоа е можно.

„Има мерки кои се однесуваат на заштеда при греење во студентски домови кои не зависат од студентските домови Тука не може да влијаеме, но беше донесена одлука  на пример за студентски дом „Гоце Делчев“ каде  имаше мерки лифтовите да не работата во вечерните часови во викендите , но сега лифтовите се целосно пуштени во функција”, истакна тој.

„Гоце Делчев“

Во врска со реакциите за скромната храната во студентските домовите. Темлковски вели дека е донесен заклучок секоја недела од страна на студентските домови да има неделно мени и студентите да знаат со што ќе се хранат таа  недела.

Во однос на студентските домови Темелковски вели  дека договорено е за брзо време во  комисијата за финсирање и буџет или во комисија за образование во Собрание да  се свика расправа и  да  бидат донесени заклучоци. Нагласува дека заклучоците ќе бидата  поврзани главно со состојбите во  студентскиот дом Стив Наумов за кој има најмногу реакции во јавноста поради лошите услови.

Инаку до барањата решенија за подобар квалитет на животот на студентите  доаѓа во време  кога во новиот буџет за 2023 година  за изградба и реконструкција на студентски домови предвидени се 215 илјади евра помалку од лани. За студентски стандард пак се предвидени 16,4 милиони евра што е  речиси 3 милиони евра помалку од минатата година.

М.С.М.

Слични содржини