Ќучук ги збратими општините Карџали и Струмица, а се сретна и со Заев

од Stefanija Kuzmanovska

Нови можности за идна соработка, развој на билатералните односи меѓу општина Карџали од Бугарија и општина Струмица од Македонија денеска договорија градоначалниците Хасан Азис и Костадин Костадинов на средбата по повод збратимувањето на двете општини.

-Иницијативата на Илхан Ќучук за збратимување на двете општини е многу важна порака до граѓаните на нашите две земји. И Крџали и Струмица делат исти вредности и верувам дека двете општини имаат добра почва за развој на долгорочна соработка”, рече Костадин Костадинов, градоначалник на општина Струмица.

На средбата се разговараше за идни заеднички проекти меѓу општините, а општина Карџали доби покана за учество на традиционалниот струмички карневал.

Според лидерот на европските либерали и европратеник Ќучук, сите врски и патишта меѓу народите се градат со упорност и добра волја.

– Ова се неколку добри примери кои ќе отворат можности за комуникација меѓу двете општини, ќе ги продлабочат односите во бизнисот и економијата, во културата и образованието, но најмногу ќе придонесат за зближување меѓу луѓето. Гледаме двајца многу прогресивни градоначалници на две мултиетнички општества кои ни покажуваат дека мора да најдеме начин разликите да доведат до единство. Ова е значењето на ЕУ и јас како известувач отсекогаш сум работел за ова – бугарското и македонското знаме да стојат заедно покрај знамето на ЕУ. Верувам во иднината и просперитетот. Поентата на политиката е да го направи тоа така што во ова тешко време граѓаните можат да ги надминат разликите. Ова е нова страница што ја отвораме и меѓу нашите две земји и меѓу двете општини, изјави Ќучук по средбата.

Тој додаде дека двете општини, иако од двете страни на границата, можат успешно да соработуваат во многу области.

– Задоволство ми е да бидам овде со делегацијата од Бугарија за да разговараме за нашите заеднички проекти, можности и заедничкиот пат по кој треба да чекориме заедно. Иницијативата на општина Карџали е да се бара соработка со општините од соседните земји на Бугарија. Драго ми е што во лицето на општина Струмица, Карџали ќе најде партнер со кој ќе го продолжиме патот напред кон развој. Со поддршка на Илхан Ќучук, верувам дека можеме да развиеме многу добри односи меѓу нашите два народи. “, рече градоначалникот на Карџали.

Дел од делегацијата од Бугарија беа и Тунџај Шукру – заменик градоначалник на општина Карџали, Јусеин Ахмед – претседател на Советот на општината – Карџали, Љатиф Расим – заменик претседател на Советот на општината – Карџали, Мехмед Ваклиев – заменик претседател на Советот на општината – Благоевград и Ибраим Заиденов – општински советник во општина Хаџидимово.

По средбата во општина Струмица, делегацијата од Бугарија, предводена од Илхан Ќучјук, оствари средба и со Зоран Заев.

Слични содржини