Џамбаски: Македонија била и е бугарска, Северна Македонија е друга работа

од Stefanija Kuzmanovska

Бугарскиот европратеник, Ангел Џамбаски, продолжува со провокациите и по предлогот од македонскиот претседател, Стево Пендаровски да му биде забранет влез во државата.

„Македонија била и е бугарска! Северна Македонија е друга работа. Заслугата тука е на Тито. Со забрани за влез во државата нема да ја избришете вистината“, се наведува во неговата објава на социјалните мрежи.

Претседателот Стево Пендаровски, вчера по седницата на Советот на безбедност, предложи на институциите односно Владата и МНР, да го прогласат Џамбаски за персона „нон-грата“, а тоа би значело да му се забрани влез во Македонија. Освен за него, забрана, шефот на државата предлага и за други бугарски државјани, а поради понижување и негирање на македонскиот народ.

„На вакви антидржавни кампањи кои ги спроведуваат политички партии и поединци можеме да одговориме на два начини. Првиот е со културна дипломатска реторика како досега и тој круг на провокации кој предизвикува насилство сигурно нема да заврши. Второ со мерки кои секоја сериозна и организирана држава ги презема во вакви случаи. Мојот предлог до Владата е согласно одредбите на Законот за странци да му забранат влез во земјата, да му забранат влез на еден пратеник од Бугарија во Европскиот парламент и на неколку други лица државјани на Бугарија поради дејствија кои ги преземале порано и натаму ги преземаат против нашата држава. Законските услови за таква мерка постоеше порано и се уште постојат тоа се закана за националната безбедност, закана за јавниот поредок и закана за меѓународните односи на РСМ. Тоа значи дека ако лицата се од надвор од земјата да не им биде дозволен влез и да бидат прогласени за персона нон-грата“, кажа Пендаровски.

Дел од лицата за кои Пендаровски побарал да им се забрани пристап во Македонија веќе од претходно имале мерки и биле протерувани.

Слични содржини