„10-ка за Карпош“, музичко шоу во општината насловено „Назад во осумдесетите“

од Aleksandar Todeski

„Назад во осумдесетите“, една од златните декади во која се слушаше добра музика, беше темата на овогодинешното издание на „10 – ка за Карпош“.

Ученици од сите основни училишта од Карпош, придружувани од нивните наставници, организираа двочасовно шоу за паметење.

Драмскиот театар беше „епицентар“ на вистинска ретро забава, хитови од Мајкл Џексон, Тина Тарнер, Pink Floyd, Queen, но и многу хумор поврзан со образовни теми и мотиви од нашето секојдневие.

Оваа година, првото место му припадна на основното училиште „Димо Хаџи Димов“, второто место на „Владо Тасевски“, трети беа учениците и наставниците од „Лазо Трповски“, четврти „Петар Поп Арсов“ и петти „Војдан Чернодрински“.

Настанот беше обмислен со креативна мултимедијалност. Учесниците играа, пееја, танцуваа, а сетоа тоа придружено со добра сценографија, музика и поддршка од публиката.

На крајот од оваа манифестација се обрати и градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, кој упати честитки до најдобрите, но и до сите учесници кои целосно се вложија во реализацијата на овој настан:

„Навистина сум горд на сите вас. Вие сте потврда дека покрај редовната настава, учениците, наставниците знаат да придонесат и за целокупната заедница. „10 – ка за Карпош“ прерасна во вистински бренд на Општината, симбол на модерното и урбаното“,  рече Богоев.

Главен координатор и идеен творец на проектот е Рената Поповска, педагог од ООУ „Лазо Трповски“, а „10 – ка за Карпош“ се спроведува од „Фабрика продукција“.

Во текот на изминатиот период, учесниците се натпреваруваа и во креативно пишување, креирање и монтажа на видео, уредување на училишни дворови и сл.

Слични содржини