100.000 денари од град Скопје за атлетичарката Дрита Исљами

од Nikola Popovski

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов денеска се сретна со македонската атлетичарка, Дрита Исљами, која по вторпат во последните три недели го собори државниот рекорд во дисциплината 400 метри со пречки. Исљами на првиот ден од Европското екипно првенство во Лимасол ја истрча патеката во време од нов македонски рекорд од 57.53 секунди и го освои првото место.

„Во оваа прилика и го честитав големиот успех и ја информирав дека Град Скопје ќе и додели награда во износ од 100.000 денари“, објави Шилегов на Фејсбук.

Тој додаде дека со Програмата за активностите во областа на спортот и младите во град Скопје, Градот Скопје редовно финансиски и логистички ги поддржува спортските клубови регистрирани на подрачјето на град Скопје, како што во овој случај е финансиската и логистичка поддршка неколку години наназад на Атлетскиот клуб Работнички од Скопје, во чии редови последниве години е постојан член наградената наша најдобра атлетичарка на кратки патеки Дрита Исљами, која достојно го презентираше градот Скопје и нашата држава, постигнувајќи го најголемиот успех во македонската атлетика, поставувајќи нов македонски рекорд во атлетската дисциплина спринт на 400 метри со пречки со време 57,53 секунди, со што е највреден резултат во последните 20 години.

Слични содржини