Поранешниот бугарски претседател Росен Плевнелиев ја одбил понудата на ГЕРБ на Бојко Борисов да биде нивен кандидат за претседател на изборите во Бугарија. Според бугарските медиуми, Плевнелиев сакал Борисов да предложи натпартиски кандидат доколку сака да го победи Румен Радев.

Поранешните технички министри во бугарската Влада – Кирил Петков и Асен Василев претставија свој политички проект „Продолжуваме со промената“. Програмата треба да ја запре корупцијата, да ги ослободи малите и средните претпријатија и да привлече инвестиции од висока технологија. Петков и Василев ги водеа министерствата за економнија и за финансии.

Во меѓувреме, ГЕРБ на Борисов се вратила на првото место во довербата меѓу избирачите, покажува анкетата на Агенцијата Тренд. ГЕРБ, според анкетата, има 24,4 отсто доверба, а потоа следуваат „Има таков народ“ 17,5, БСП со 16,6, МРФ со 9,3 проценти. Новата партија на Петков и Асенов, пак, има доверба кај 9,1 отсто од населението.

На 14 ноември ќе се одржат претседателски избори, но и трети по ред парламентарни избори годинава во Бугарија.

Слични содржини