Бектеши на „Недела на ЦЕФТА“:Година на надминување на пречки и важни чекори кон поефикасна трговија во регионот

од Vladimir Zorba

Централниот завршен настан на годинашната „ЦЕФТА недела“, собра над 300 учесници од седумте членки на оваа меѓународна организација. 2021 година беше и прва година на имплементација на Акциониот план за Заедничкиот регионален пазар. Фокусот беше ставен на промовирање на напорите за подобрување на движењето на стоки и услуги на ЦЕФТА пазарите. Со поддршка на Европската комисија и Регионалниот совет за соработка преземени се сериозни чекори за приближување кон заедничкиот европски пазар.

Министерот за економија, Крешник Бектеши, ја отвори конференцијата и ја истакна важноста на ЦЕФТА за развој на регионалниот пазар и економско закрепнување од последиците од ковид-19 пандемијата.

„Оваа година успеавме да започнеме и завршиме важна работа во рамките на македонското претседателство со ЦЕФТА организацијата и спроведувањето на Акцискиот план за заедничкиот регионален пазар. Наше е да продолжиме да ги исполнуваме нашите обврски и понатаму да го развиваме Договорот преку создавање поволни услови за трговија за бизнис секторот и стимулирање на конкуренцијата. Во рамките на нашето претседавање со бројни тела на ЦЕФТА и преку преговори за воспоставување механизам за решавање спорови, го подобривме слободното движење на стоки преку елиминирање на бариерите, постигнавме напредок во слободниот проток на услуги и го подобривме институционалниот капацитет во структурите на ЦЕФТА“. рече министерот Бектеши.

Директорот на Секретаријатот на ЦЕФТА, Емир Џикиќ, ја истакна важната улога на ЦЕФТА во промовирањето на подобри трговски услови во последните 15 години: „Студиите покажаа дека договорот ЦЕФТА придонесе за растот на извозот на членките меѓу 40 и 80 проценти. Она што сега е најважно е иднината и потенцијалите што таа ги носи, а тоа е зголемување на БДП за околу 6,7. проценти ако ја доведеме ЦЕФТА на ниво на интеграција што постои во Европската Унија. Оваа година ги направивме првите чекори во таа насока“.

Клучните достигнувања според ЦЕФТА Договорот за 2021 година се:

• Промена на правилата за потеклото на стоките, што влијаеше на поголема флексибилност и донесе дополнителни придобивки за стопанството.

• Завршена е одлуката за електронска трговија во рамките на ЦЕФТА.

• Одлуки за признавање на програми за ОЕО и професионални квалификации кои се усогласени на експертско ниво.

• Постигнат е значителен напредок во преговорите поврзани со Дополнителниот протокол 7, кој е механизам за решавање спорови и Одлука за отстранување на работните дозволи за лицата кои нудат услуги и трансфери внатре во компанијата.

• Зелените ленти се проширени на сите премини во рамките на ЦЕФТА, што овозможи побрз и побезбеден проток на основните стоки. Отворен е нов портал на кој се прикажуваат податоци поврзани со зелените ленти и времето на чекање на премините, што ќе придонесе за уште подобра контрола на трговските политики. Започнат е дијалог за проширување на иницијативата и на соседните земји-членки на ЕУ.

• Лансирана е платформата за електронска размена на податоци SEED +. Ќе ја поддржи размената на сертификати неопходни за премин на стоки, како што се електронските сертификати, со цел да се воспостави „трговија без хартија“. Исто така, SEED + ќе придонесе за побрза размена на податоци од неусогласени пратки за земјоделски производи, со цел целосна заштита на потрошувачите

• Спроведени се три пилот-проекти на Заеднички царински активности поврзани со празни камиони, нелегална трговија со тутун и трговска марка за интелектуална сопственост како чекор кон воспоставување на Стратегијата за управување со царински ризик.

Три панел дискусии со наслов „Олеснување на трговијата преку признавање на сертификати и процедури“, „Трговија со услуги и лиценци, квалификации и лиценци“ и „Права на интелектуална сопственост во трговијата и промоција на инвестициите“ се фокусираа на идентификување на програми насочени кон интегрирање на седум пазари во еден и обезбедување ефикасни и евтини методи за пристап до пазар од 20 милиони луѓе и консолидирана економија во вредност од 120 милијарди долари.

Северна Македонија го предава претседавањето со ЦЕФТА на Молдавија, која ќе ја има оваа улога во 2022 година, со ветување дека ќе продолжи да работи на промовирање амбициозни планови поврзани со трговијата.

Неделата на ЦЕФТА беше организирана во соработка со партнери од Канцеларијата за интелектуална сопственост на Европската унија, ГИЗ, УСАИД Северна Македонија и Форумот на Стопанската комора на Западен Балкан, со поддршка на Европската комисија.

Слични содржини