Бесими: Македонскиот работник произведува два пати помалку од оној во ЕУ

од Vladimir Zorba

Во економската наука има повеќе индикатори за мерење на продуктивноста. Еден од нив е продуктивноста на трудот (labor productivity), според кој бруто-домашниот производ се дели со работните часови на сите вработени. Петте земји со најголема продуктивност на труд во 2020 година, според податоците на ОЕЦД се Ирска со 119,4 долари продуциран БДП на работен час, Луксембург со 111 долари, Данска со 87,9 долари, Белгија 87 долари, Норвешка 85,7 долари и Швајцарија со 91,6 долари. Во првата десетка влегуваат и Франција со 79,8 долари, Австрија и САД со 79,6 долари и Шведска со 79,2 долари. Накусо, развиени и добростоечки економии, пишува во својата редовна викенд колумна, министерот за финансии, Фатмир Бесими.

Друг индикатор за мерење на продуктивноста на трудот е економскиот резултат по вработен во економијата. Според овој индикатор, пресметан од Светската банка, Република Северна Македонија во 2020 година продуцирала 43.883 долари по вработен. Во споредба со регионот од Западен Балкан сме релативно блиску согласно овој индикатор. Имено, за истиот период, Црна Гора продуцирала 50.865 долари по вработен, Босна и Херцеговина 47.051 долари, Србија 43.874 долари, а Албанија 31.883 долари по вработен. Во споредба со другите земји во наша близина веќе се забележува поголема разлика, на пример Словенија истата година остварила 79.612 долари по вработен, додека Хрватска 67.138 долари. Во споредба со просекот на Европската унија (93.073 долари по вработен) заостануваме скоро двојно. Германија, како најголема економија во ЕУ, продуцирала 100.765 долари по вработен во 2020 година.

Има многу фактори кои влијаат на продуктивноста на една земја, вклучително инвестиции во опрема, иновативност, организација на синџирите на добавување, образованието, конкуренцијата итн. Вкупниот фактор на продуктивноста (Total Factor Productivity – TFP) e индикаторот кој го мери економскиот резултат според сите инпути коишто се користат за се продуцираат тие стоки и услуги, како труд, капитал, енергија и материјали. Согласно овој индикатор за време на пандемијата продуктивноста во Република Северна Македонија опаднала за -4,5 во однос на последните десет години пред кризата, што се должи на падот на продуктивноста на трудот (разбирливо со оглед на затворањата на цели економски гранки поради превентивните здравствени мерки). За споредба, кај другите земји од Југоисточна Европа, намалувањето во однос на преткризниот период е -2,6. Исто така, додека во регионот во постпандемискиот период овој индикатор станува позитивен (1.5), што покажува дека продуктивноста го достигнала и надминала предпандемиското ниво, кај нас е се уште негативен, пред се поради поспорото опоравување на квантитетот и квалитетот на продутивноста на трудот.

Кога ќе ја погледнеме големата економска слика што ни кажуваат овие податоци? – За да објаснам поедноставно, да ја гледаме целата економија како една работилница. Занаетчијата произведува производи, кои потоа ги продава. Има вештина и способност да изработи десет производи дневно. За исто време во друга работилница, друг занаетчија изработува дваесет производи дневно, бидејќи има подобри вештини, подобри алатки, користи иновативни начини за да работи побрзо. Тоа е соодносот на нашата економија во споредба со некоја развиена економија. Затоа, во развиените економии платите и животниот стандард пропорционално се и повисоки, наједноставено кажано. Кога на тоа ќе се додаде и квалитетот на изработката, иновативноста во технологии, организација и пласманот на производството, диспропорцијата станува уште поголема. Ова е економската логика за зголемувањето на платите и подобрувањето на животниот стандард – тој што ќе произведе и продаде најмногу производи ќе живее најдобро, пишува, меѓу другото, Бесими.

Слични содржини