14-дневен карантин за секој што влегува во Велика Британија

од Vladimir Zorba

14-дневен карантин ќе биде задолжителен во Велика Британија од 8 јуни за сите оние кои доаѓаат од странство, рече британскиот министер за внатрешни работи, Прити Пател, со цел да се спречи ширењето на инфекцијата со новиот коронавирус.

Сите кои доаѓаат од странство, вклучително и британски државјани, ќе мора да бидат во изолација 14 дена и да кажат каде ќе бидат за тоа време.

„Сега, откако го поминавме врвот на инфекцијата, мора да преземеме чекори за да се заштитиме од увезени случаи што би предизвикале повторно појавување на оваа смртоносна болест“, рече таа, пренесува Хина.

Доколку не се придржуваат кон одредбите, оние што влегуваат во земјата би можеле да бидат казнети со казна до 1.000 фунти.

Карантинот нема да биде задолжителен за оние што доаѓаат од Република Ирска, возачите на камиони, медицинскиот персонал и сезонските земјоделски работници, а мерката ќе се разгледува на секои три недели.

Воведувањето задолжителен карантин беше критикуван од туристичките агенции, а авиокомпаниите во Велика Британија предупредуваа пред неколку недели дека таквата мерка може да предизвика голема штета на секторот за воздухопловство.

„Карантинската мерка без одреден рок за нејзино укинување ќе ја влоши веќе критичната состојба во авијацијата и сите сродни економски активности“, се вели во писмото на воздухопловната асоцијација до премиерот Борис Џонсон.

„Луѓето едноставно нема да патуваат во и од Велика Британија, бидејќи економиите во Европа и низ целиот свет ќе започнат да ги отвораат своите граници и да ги креваат карантините, што ќе го спречи британскиот авијациски сектор да се натпреварува со нив“, велат од авиокомпанијата.

Британската влада веќе неколку недели беше критикувана затоа што бројот на загинати од КОВИД 19 надмина 36.000, повеќе отколку во која било друга европска земја, а според некои проценки, бројот на загинати е поголем од 41.000.

Иако дневната бројка на смртни случаи сега опаѓа, владата сè уште не ги укина воведените мерки за да спречи ширење на инфекцијата.

Со задолжителен карантин за сите кои влегуваат во земјата, британската влада се надева дека ќе спречи втор бран на инфекција.

Слични содржини