18-годишник во САД уби десет луѓе, најверојатно поради расна омраза

од Vladimir Zorba

18-годишен белец уби десет и рани три лица во супермаркетот Топс во Бафало пред да им се предаде на властите кои сметаат дека злосторството е расно мотивирано.

Полицијата верува дека 18-годишникот, вооружен со автоматска пушка, дејствувал сам.

ФБИ, во меѓувреме, соопшти дека ќе го истражи неговото однесување како злосторство од омраза и „расно мотивиран насилен екстремизам“.

Единаесет од 13-те убиени или ранети се Афроамериканци, а супермаркетот Топс се наоѓа во населба каде доминантно се црнокожи.

Осомничениот, чие име полицијата не го соопшти, не е од Бафало, туку таму „возел со часови“.

Меѓутоа, американските медиуми, повикувајќи се на неофицијални полициски извори, објавија дека напаѓачот се викал Пејтон Гендрон и дека потекнува од Конклин, мал град во државата Њујорк, приближно 300 километри јужно од Бафало.

Своето злосторство го пренесувал директно на Интернет преку камера што ја поставил на кацигата. Тој беше тешко вооружен, во воена опрема и со панцир, соопшти полицијата.

Кога полицијата го опколила во лобито на супермаркетот, тој прво ставил пиштол на вратот, но полицајците сепак го убедиле да го фрли оружјето и да се предаде, изјави на прес-конференција началникот на полицијата Џозеф Грамаглиа.

Како што пренесуваат американските медиуми, тој убил четири лица на паркингот, а потоа се судрил со обезбедувањето на супермаркет кој во размена на оган го погодил со куршум, но напаѓачот бил заштитен со панцир. Чуварот подоцна бил смртно застрелан. Останатите жртви ги убил во супермаркетот.

Слични содржини