27. било организиран државен удар или …?

од desk4

Судењето за случувањата во Собранието на 27 април минатата година продолжува в понеделник, на 10 декември, со сослушување сведоци предложени од одбраната.
Судскиот процес го води судијката Добрила Кацарска, а застапници на обвинението се Вилма Русковска и Ивана Трајчевска.

Обвинети се вкупно 33 лица, од кои 31 лице за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување.

Меѓу обвинетите се повеќе пратеници, вработени во МВР и собраниското обезбедување, уметници. Тие пред Судот кажаа дека го разбираат обвинението, но не се чувствуваат за виновни.
На обвинителната клупа се Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Митко Чавков, Митко Пешовски, Душко Лазаров, Горан Јошевски-Леви, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски-Бетмен, Владо Јовановски, Игор Дурловски, Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Младен Додевски, Јане Ченто, Горанче Ангеловски, Игор Југ, Илија Славески, Влатко Трајков, Вилијам Михајловски, Никола Митревски-Кољо, Александар Василевски-Нинџа и Митре Питроповски.

 Пресврт во процесот донесоа сведочењата во оваа недела. Проследете го хронолошкиот след на изјави  на сведоците кои упатуваат на тоа дека не станувало збор за спонтан протест, туку организиран државен удар од највисокиот државен врв.

7 декември
– Кабинет на претседателот:
Во Кабинетот на претседателот на Македонија никогаш не се разговарало, ниту се размислувало за прогласување вонредна или воена состојба…Ги отфрлам и сите шпекулации дека меѓународната заедница вршела каков било притисок врз мене да отстапам од некаков наводен план за прогласување воена или вонредна состојба. Иванов ги повика странските претставници да излезат и да ги посочат тие кои му вршеле притисок.

Иванов, одговор на новинарско прашање -Јавноста верува на обвинет, а не на официјалните институции. Веројатно нашите изјави се многу поиздржани од изјава на обвинет кој прави се да го одбегне тоа што му следува. Прашајте кај биле генералите тој ден, кај бил началникот на Генералштабот, каде бил мојот аѓутант, Армијата. Армијата не е невладина организација, туку хиерархиски поставена институција која води евиденција за секој ден, за секој час, за секој војник и офицер. Во врска со неговите блиски соработници Синиша Алексовски и Борис Јосифовски, Иванов напомена дека тие изјавиле се што имале.

СДСМ: Од една страна Иванов тврди дека исказите во судската постапка за насилството од 27 април се невистинити а од друга ги потврдува, конкретно. Иванов потврди дека член од неговиот кабинет, Борис Јосифовски, бил во партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ тој ден. Иванов е со целосно нарушен кредибилитет, со крајно неодговорна, негативна и сомнителна улога во општеството.

Агенција за разузнавање: Најостро ги осудуваме сите овие обиди за вмешување на Агенцијата во кои таа нема активности. Агенцијата постапува според своите законски надлежности.Агенцијата остварува тесна соработка со ОЈО и МВР. Сакаме јасно да укажеме на јавноста дека ако се продолжи со нарушување на основните човекови и професионални вредности можеме самите ние како граѓани на ова општество да креираме нова безбедносна закана во државата.

Кривичниот совет ја одби жалбата на поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски за одредување на мерката притвор во траење од 30 денови. Притворот на 5 декември му го одреди судија на претходна постапка поради инволвираност во настаните од 27 април минатата година во Собранието на Република Македонија. Притворот е побаран поради опасност од бегство, влијание врз сведоци и опасност од повторување на кривичното дело.

==============

6 декември
Кабинет на претседателот, соопштение: Во Кабинетот на претседателот на Македонија никогаш ниту се разговарало, ниту се размислувало за прогласување воена или вонредна состојба. Последното посочување на генералниот секретар на Кабинетот, Борис Јосифовски, во функција на наводен план за прогласување на воена или вонредна состојба на 27 април 2017 година е уште еден во низата очајни обиди за конструирање сценарио за неосновано вмешување на Кабинетот и лично на претседателот во настаните од 27 април 2017 година.

Благоја Василевски, брат на обвинетиот Александар Василевски (Нинџа) исказ Суд: –   На 27 април минатата година во бев во Виена, на службено патување. Имав краток семеен разговор со Нинџа, за здравјето на мојата мајка. Прашањето од обвинетиот Александар Василевски-Нинџа, дали од него на 27 април примил смс порака, не беше дозволено по приговор од обвинителството дека е наведувачко.  Сведокот Владимир Атанасовски, потоа на прашање од обвинетиот Игор Југ, одговори дека на 27 април 2017 година примил смс порака од неговиот брат Александар Василевски-Нинџа.

Владимир Атанасовски, поранешен директор на УБК, исказ Суд: – Со Нинџа се познавал од теретана околу две ипол години, односно недела до две пред да стане директор на УБК. Во однос на тоа дали Нинџа бил вработен во службата, Атанасовски се повика на тајност. Атанасовски кажа дека на 27 април лани бил на работа до 18:30 часот, по што отишол на кафе во центарот на градот, па на ракомет и не може точно да се сети во кое време каде бил. Судијката Кацарска, по ова го праша како може да бил директор на УБК, а да не знае каде бил на 27 април 2017 година, кога се случи тоа што се случи, по што Атанасовски рече, тоа би требало повеќе да знаат лицата од неговото обезбедување. За случувањата на 27 април дознал кога веќе топлата влегла во Собранието.– МВР формираше кризен штаб за протестите „За заедничка Македонија“ и УБК постапуваше согласно изработената оперативна акција и за тоа има телеграми.

Звонко Давидовиќ, адвокат на Нинџа – Партиски структури на 27 април ја презеле командата од МВР заради заштита на некои свои интереси и некои свои политички права. МВР останала обезглавена и наместо полициски структури, командувањето на МВР се префрлило на партискиот врв, изјави тој на паузата од рочиштето.

 Александар Василевски – Нинџа, обвинет, исказ Суд: – Ние сме изманипулирани од УБК и од дел од раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Никој не ја знаеше режијата, сите бевме статисти.
Вистинските водачи на иницијативата „За заедничка Македонија“ биле Спиро Ристовски и Кирил Божиновски и оти програмата за секоја нивна активност била пишувана во штабот на ВМРО-ДПМНЕ. Оперативните податоци, како што рече Нинџа, кажуваат дека организаторите на „За заедничка Македонија“ биле исплаќани од ВМРО-ДПМНЕ.Никој од нас, додаде, не сакаше да се случи она што се случи на 27 април.

АРМ, соопштение – -Во врска со зачестените објави во одредени електронски медиуми, како и разни произволни толкувања од страна на лица кои гостуваат во дебатни емисии на националните телевизии, во кои се наведуваат инсинуации со кои упорно сака да се прикаже инволвираност во организирана форма, на Армијата на Република Македонија во случувањата на 27 април 2017 година, најенергично ги демантираме ваквите тврдења со напомена дека се работи за груби дезинформации кои се пласираат во јавноста.

Александар Василевски, обвинет, исказ Суд: – „За заедничка Македонија“,  беше формирана од ВМРО-ДПМНЕ и имаше фиктивни водачи. На протестите на „За заедничка Македонија“ 80 отсто беа од ВМРО-ДПМНЕ кои ги даваше сите реквизити што се користеа. Сите водачи на протестите ги имам гледано во штабот на ВМРО-ДПМНЕ кај Кирил Божиновски. Оперативните податоци до кои што тој дошол велеле дека организаторите на протестите биле исплаќани од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој ден околу 12:30 часот ми се јави директорот на УБК и ми кажа да бидам во Скопје бидејќи има информации дека нешто ќе се случи, рече Нинџа. Додаде дека околу 16 часот повторно му се јавил Атанасовски и му рекол дека има информации оти СДСМ ќе бира претседател на Собранието и оти тоа го знае и Ченто. Атанасовски му кажал дека „комуњарите сакаат да бираат претседател и посочил дека во секој момент треба да биде прогласена воена состојба“. Нинџа пред судот истакна дека имал контакт и со Сашо Мијалков. Околу 18 часот бил во штабот на партијата, но Мијалков не бил таму.
Таму, како што додаде, имало лица од парламентарниот – команднооперативен штаб на партијата – Бришковска, Божиновски, Јанакиески, Чавков. Од таму се координирало се што се случувало на 27 април. Бришковска кажала дека не поминало првото сценарио и пратениците не си ја завршиле работата и не предизвикале тепачка.Потоа му се јави на Трајко Вељаноски и му рече да се отворат вратите од Собранието, а во 19:15 му се јавил Атанасовски и му рекол да оди да известува од терен. На една од клупите во „Жена парк“ го сретнал и Горан Грујоски, кој му рекол дека има седум до осум луѓе во Собрание од прикриени операции.По извесно време Грујоски доби информација дека нема да има вонредна состојба поради притисок од странците кај претседателот на државата. Околу 22:15 го одвеле во прикриена база на УБК кај Државна болница, каде биле Бошкоски и Сашо Марковски. Тука разбрав дека се одземени хард дисковите од обезбедувањето на Собранието. УБК ги следело Зоран Заев, Зоран Верушевски и Оливер Спасовски, иако тогаш бил министер за внатрешни работи. Додаде дека бил следен и политичкиот аналитичар Алберт Муслиу кому му биле поставени камери кога не бил дома.
Нинџа рече дека имал и псевдоним Самурај кој во 2015 одина му го дал началникот на Петтата управа Горан Грујовски и служел за распознавање во службата во УБК. Псевдонимот го добил во јануари-февруари кога Зоран Заев почнал да ги објавува бомбите. Имал и значка на УБК, пиштол и радиостаница.
Нинџа рече дека додека ДИК заседавал од ВМРО-ДПМНЕ имало насока да се направи сценарио на насилен протест, да се влезе во зградата и да се прекине одлучувањето ако ДИК ги прифати жалбите на опозицијата, но тоа не се случи.Посочи дека откако не се составила влада со ДУИ се создаде од ВМРО  „За заедничка Македонија“,  која имаше фиктивни водачи. Негова задача од УБК, како што додаде, било да ги следи протестите, а со него биле Бошкоски и Дејан Димкоски Боксер.
=============================================

4-5 Декември
Судија на претходна постапка му одреди триесетдневен притвор на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање – УБК, Владимир Атанасовски, поради инволвираност во настаните од 27 април во Собранието на Македонија. Притворот му е одреден на предлог на обвинителството. Атанасовски ноќеска е приведен и однесен на распит во Кривичниот суд.Атанасовски беше посочен од обвинетите за „27 април“ Стефан и Михаил Младеновски и од Захарие Симовски, како еден од организаторите на упадот во Собранието и како нарачател на насилства врз припадници на тогашната опозиција. Атанасовски беше назначен за директор на УБК во септември 2016 година по оставката на Сашо Мијалков. На директорското место во тајната полиција остана до јуни 2017 година.

=======================================

4 Декември
Влатко Трајковски, обвинет, одбрана пред Судот: Утре може ќе се влага во Собрание. Прашав кого ќе утепуваме внатре, а ми рекоа ти нема да утепуваш, туку треба да пазиш на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и на претседателот Трајко Вељаноски и работата да не излезе од контрола. Ми рекоа целта е да се предизвика што поголем хаос и да се заплашат пратениците. Му реков не е добро, зошто 2001 влеговме ама бевме полиција, а сега ќе бидеме затворени. Ми рекоа дали си со нас или против нас, не се секирај за последиците ќе има луѓе од ДБК што ќе ве штитат. Пратеникот Коцев ме навреди и рече хулиган. Јас се изнервирав и му реков седи тука, чекај да видиш што е хулиган. Идам и земам ПП апарата и го прскам. Кога видов дека има други луѓе престанувам да прскам и го спуштам ПП апарат и го прашувам „дали видовте што е хулиган”,

Игор Југ, обвинет, исказ пред Суд: Јас сум ВМРО, а не е ДПМНЕ. Нагласи дека е невработен и заработува со подотвување кучиња за изложби и додаде дека еден дел од разговорите со дел од обвинетите на 27 април биле во тој контекст. Под „тие што ме пратија” ги подразбирам сите што 60 и повеќе дена го повикуваа народот да излезе на улица и да ја брани државата. Јас сум ВМРО, не сум ДПМНЕ. Јас сум ВМРО по идеологија. Во секој нов претседател барам нов Тодор Александров. За мојата партија јас сум ги вршел сите работи што човек од мој калибар може да ги изврши – од  лепење плакати, до обезбедување конгреси, без никаква материјална надомест. Јас сум од тие што веруваат во идејата. Гневен сум, се уште сум гневен на тие луѓе, но христијанството ме учи да им простам. И им простувам, ама жив нема да им заборавам.За третата порака, таа е на чист кумановски и гласи „ние по затвори и домови, а куртони по фотељи”.– Тоа се мои ставови и ги имам милион пати јавно изнесено. Ние старите ВМРО-вци сме заборавени и маргинализирани од дојденци. На прашање од обвинителката Русковска, дали мислел на говорот на Груевски „народот да не седи по папучи дома и да ја земе судбината во свои раце”, на што обвинетиот Игор Југ рече, дека под сите тие ги подразбира сите, од партиски вработените, до претседателот на државата, затоа што од сите нив само Антонио Милошоски собра храброст да застане рамо до рамо.Никола Груевски го сметам за одличен премиер, ама нула од лидер на партија, зошто од ВМРО-ДПМНЕ направи партија на бегалки од другите партии, кои го водеа колото,

Обвинетите Младен Додевски, Јане Ченто и Горанче Ангеловски  рекоа дека нема да изнесуваат одбрана.

================================

3 Декември

Захарие Симовски, обвинет, исказ пред Суд: – Учествувал во настаните од 27 април, како и претходно во протестите со иницијативата „За заедничка Македонија“, по наредба на Александар Василевски-Нинџа на кого му бил личен телохранител од 2015 година.Во неговото хронолошко сведочење за настаните рече дека Василевски-Нинџа примал наредби од поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Владимир Атанасовски и од началникот во Управата Никола Бошковски, кои биле во постојана комуникација со него. Симовски рече дека во 2016 година на протестите пред ДИК кога чекале наредба да прават нереди и да фрлаат со молотови коктели, биле известени од Нинџа дека директорот на УБК Атанасовски дал наредба да се запалат домовите на Радмила Шекеринска и Петре Шилегов и автомобилот на Љубомир Фрчковски.
– Јас имав задача да ги најдам локациите и ги известив дека во домовите на таргетираните лица нема никој, како и дека бараното возило на Фрчковски, не е на паркингот пред неговиот стан. За среќа не дојде до таков настан, истакна Симовски.
Многу често неговиот шеф Нинџа влегувал во зградата на ВМРО-ДПМНЕ на средба со функционери, а имал сознание дека се сретнувал и со тогашниот премиер Никола Груевски.
– Кога обезбедувањето на пратениците пред прес-центарот испука кршум, го видов Игор југ како репетира пиштол, а јас само го допрев мојот пиштол преку облеката, истакна Симовски, додавајќи дека влегле во салата и потоа излегле и сите од групата се нашле пред споменикот во „Жена парк“. Таму констатирале дека се измамени и изиграни од власта, посебно од УБК која најчесто ги контактирала и организирала групите. Одговарајќи на прашање, обвинетиот рече дека не е сигурен но мисли оти и обвинетиот Јане Ченто носел оружје.

Михаил Младеновски, обвинет, исказ пред Суд: Тој настан бил креиран од структури во УБК со цел некои луѓе да си ги задржат своите функции, без разлика на жртвите.
Нинџа употребуваше еден збор дека ние сме надворешна 5-ка, односно група што содејствува надворешно со УБК. Тоа го нарекуваа пирамида што не може да биде урната. Никола Бошковски во една прилика ми кажа дека сме како јато и ако еден се одвои ќе биде осамена птица и незаштитена. Знам дека Владимир Атанасовски лично преку Нинџа го извршуваше својот план кон патриотските движења, кои беа форсирани да се направат за интерес на директорот на УБК, кој го нарекуваше државен интерес.
Објасни дека немале насоки што да прават во Собранието, каде се движел по инерција со толпата и откако излегол се видел со другите во паркот Жена борец.
– Тогаш дојде голф петка со сива боја и застана кај Зегин, спроти Жена парк. Тоа е службено возило на Никола Бошковски. Ни кажаа дека во возилото има оружје и треба да се подели на луѓе кои знаат да ракуваат со оружје. Причината за тоа е зошто имале информации дека доаѓа група Албанци со оружје. Ама тоа не се случи. Тогаш Синиша од кај претседателот Иванов ни кажа дека ќе се прогласи воена состојба и со воена полиција ќе се апси новото парламентарно мнозинството за државен упад. Таа неизвесност траеше до 22 часот, кога Иванов излезе и повика на смиреност и закажа лидерска средба, изјави обвинетиот Младеновски

Стефан Младеновски, обвинет, исказ пред Суд: Кога на чело на УБК бил назначен Владимир Атанасовски, за тоа дознал од Нинџа во септември, кој му кажал, како што наведе „дека тоа е негов човек и може да прави што сака“. Нинџа ни кажа дека ако ДИК ги одбие приговорите на ВМРО-ДПМНЕ ќе треба да се упадне во ДИК и да се фрли молотови коктели. Таму беа неговите луѓе, кои добар дел беа вработени во неговиот кафич или кладилницата,Кога беше извесно дека ДУИ нема да прави коалиција со ДПМНЕ, ни беше кажано дека претседателот Иванов нема шанса да го даде мандатот и ќе има војна. Наведе дека потоа почнале протестите и дека тој учествувал десетина пати со неговиот брат, но и со луѓе на Нинџа, посочувајќи дека за протестите имало логистичка поддршка од сите Комитети на ВМРО. Рече дека оти ќе се влегува во Собрането кога СДСМ ќе формира Влада, дознал во февруари, кога ги викнал Нинџа. Таму имало луѓе од МВР и УБК.– На таа средба Прскач ни кажа дека државата ни е загрозена и треба да си ја одбраниме, дека тие ќе стојат зад нас и дека сите насоки ќе ги добивам од Нинџа. Нинџа кажуваше дека на тие протести ќе се следи кој е присутен и дали ќе има провокатори. На протестите добиле наредба ако видат жена со плава коса да ја пријават кај него, бидејќи е од ЦИА.Кога се вратив Нинџа кажа дека се јавува по патриотските здруженија, за кои рече: Сега е денот да се покаже дали се само набилдани кретени без муда…По некое време Кољо им кажал дека Нинџа дал наредба да тргнат на протестите.– На Кољо му се јавија, ни кажа да ставиме маски и дека ќе се влегува во Собрание.  Муковски и Трчуловски ги повикувале луѓето кон пленарната сала.  Пробивме во прес-салата. Имаше туркање зад нас и навлегов два-три метри и зад бироата ги забележав пратениците на СДСМ.
– Во истиот момент знаев дека некој ме наместил. Се завртев и си заминав. Не останав ниту две секунди и не направив никакво дејство. Се најдов со брат ми во пленарната сала и заминавме. Наведе дека Дејан Домовски-Боксер од УБК им кажал дека претседателот Иванов ќе прогласи воена состојба. Било кажано дека група Албанци ќе пристигне и дека се вооружени.  Тоа не се случило и заминале.

Кабинет на претседателот, соопштение: Кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов попладнево реагираше во врска со исказот на обвинетиот Михаил Младеновски за случувањата од 27 април дека советникот на претседателот Синиша Алексоски им кажал дека Иванов ќе прогласи воена состојба. – Давање на лажен исказ е кривично дело. И  по не знаеме кој пат, Кабинетот на претседателот на Македонија ги отфрла искажаните лаги, измислени настани и непостоечка комуникација за вмешување на советникот Синиша Алексоски во случајот од 27-ми април.

 

 

 

 

 

Слични содржини