4 причини зошто Шпанија стана второто најголемо жариште на коронавирусот во Европа

од Vladimir Zorba

Со повеќе од 94.000 заболени и 8.200 починати, Шпанија ја надмина Кина и сега брзо се приближува кон Италија, најголемото жариште во Европа на заразени од коронавирус. Бројот на пациенти се зголемува секој ден, а дури 8.227 нови случаи се пријавени за еден ден на 26 март.

Особено загрижува е високата стапка на смртност. Стотици нови смртни случаи се регистрираат од ден на ден.

Експертите велат дека постојат неколку фактори кои стојат зад брзото ширење на инфекцијата.

Медиумите во Шпанија најчесто го наведуваат фактот дека нерамномерно распределените и исцрпените ресурси за јавни здравствени услуги не се во состојба да се борат против овој или кој било друг вид пандемија.

Академиците во Шпанија делумно го потврдуваат ова како една можна причина, но потенцираат неколку други фактори.

Многу лекари и медицински техничари се разболеле

Она што особено се забележува во Шпанија е големиот број на пациенти меѓу самите медицински професионалци.

Во Италија околу осум проценти од вкупниот број заразени со вирусот се заразени од медицински лица, а во Шпанија овој процент е двојно поголем.

– Центарот за превенција и контрола на болести во Европа посочи дека влијанието на болеста КОВИД-19 зависи од нивото на подготовка на земјата и нејзината способност да примени брзи контрамерки. Ако зголемувањето на бројот на случаи беше брзо, како што е случајот во Шпанија, а човечките и материјалните ресурси за борба против него не се загарантирани, тогаш влијанието е посериозно. Ова веројатно ќе предизвика повеќе смртни случаи меѓу најранливите делови на општеството, особено кога се засегнати медицински професионалци – изјави за „Ал Џезира“ Силвија Карлос Чилерон, професор на Катедрата за јавно здравје и превентивна медицина на Универзитетот во Навара.

Недостаток на медицински материјали

Еден од факторите е недоволната опременост на болниците за да се справат со ваквата инфекција.

Шпанската Национална Конфедерација на Медицински Синдикати (ЦЕСМ) поднесе случај до Врховниот суд во земјата, барајќи од Министерството за здравство да обезбеди доволно заштитна опрема што е можно поскоро.

Во овој случај, кој беше одбиен на суд, ЦЕСМ тврди дека министерството досега нема обезбедено соодветна заштита на професионалните здравствени работници за да ја извршат својата работа на начин што го намалува ризикот од зараза од коронавирусот.

– Луѓето генерално ја почитуваат изолацијата и се обидуваат да не одат во болници за помали заболувања и ова помага да се намали ризикот од инфекција. Но, нема доволно санитарни услови во болниците за ваков вид криза, поради што се големи шансите медицинскиот персонал да се зарази, што е еден од поголемите фактори – рече еден од шпанските лекари.

Луѓето не се грижеа многу

Една од причините за ширење на вирусот пред вонредната состојба беше „ниското ниво на перцепција кај населението дека коронавирусот е ризик“, рече Хозе Ернандес, истражувач и доцент по социологија на Универзитетот во Кордоба.

„До неодамна, немаше доволно информации за тоа што е коронавирусот“, рече тој.

Ова е поткрепено со тоа што многу Шпанци безгрижно патувале во Италија за натпреварот Аталанта – Валенсија.

Околу 3.000 навивачи отпатуваа од Шпанија до Милано за да го проследат натпреварот, за кој многумина велат дека денес е еден од предизвикувачите на ширењето на заразата во северна Италија и низ целиот свет.

Шпанското население

Густината на населението во Шпанија, исто така, има ефект врз ширењето на инфекцијата, истакна Алберто Матаран, професор по еколошки науки на Универзитетот во Гранада.

– Има огромна густина на луѓе во градовите како Мадрид или особено на брегот на Средоземното море и голем број станбени блокови во оддалечените предградија на градовите. Додадете на тоа многу простор каде луѓето се собираат, многу афективно социјално однесување во споредба со другите земји – ние секогаш се ракуваме или гушкаме или се бакнуваме едни со други кога ќе се сретнеме – и шансите за ширење се зголемуваат, вели тој.

– Исто така, Шпанија има многу постара популација, што е многу ранлива, а пензионерските домови генерално немаат огромни медицински ресурси. Покрај тоа, фактот дека болниците и медицинските услуги во Шпанија ги водат различни автономни региони, создава некои многу важни основни нееднаквости – рече Ернандез.

Тој, исто така, додаде дека додека регионалните власти може да побараат помош од Мадрид, тоа го зголемува ризикот од лошо донесени решенија за медицинска стратегија во централната власт.

Во 2014 година, медицинскиот персонал во Мадрид протестираше против недостатокот на ефикасна заштитна опрема и безбедносни мерки на претпазливост, при епидемијата на ебола.

– Можевме да видиме дека системот за јавно здравје има некои големи празнини при рано откривање на инфекции. А тоа се структурни слабости, рече Ернандез.

Слични содржини