500 уапсени по судири на демонстрантите со полицијата во Берлин

од Vladimir Zorba

На масовниот протест во Берлин поради мерките преземени од германската влада против коронавирусот, денеска беа уапсени околу 500 демонстранти по судирите со полицијата.

Илјадници луѓе се собраа денеска во Берлин и покрај забраната од локалните власти за неколку различни протести регистрирани викендов, вклучително и митинг организиран од движењето „Кверденкер“ од Штутгарт.

Денеска претседателот на германскиот парламент Волфганг Шојбле остро го критикуваше движењето, а „Кверденкер“ ги повика луѓето да не бидат измамени од „ефтини слогани“.

„Ако практично сите експерти ширум светот велат дека коронавирусот е опасен и дека вакцинацијата помага, тогаш кој има право да каже „всушност, јас сум попаметен од тоа?“, рече Шојбле и истакна дека тоа било „неподнослив степен на ароганција“.

И покрај забраната, демонстрантите утрово почнаа да се собираат на неколку различни места во градот.

Берлинската полиција распореди повеќе од 2.000 полицајци низ градот. Како што се зголемуваше толпата попладне, полицајците кои се обидоа да ги пренасочат демонстрантите или да разбијат поголеми групи, беа „малтретирани и нападнати“, соопшти берлинската полиција.

Се наведува дека демонстрантите се обиделе да го пробијат кордонот, па полицијата употребила солзавец и палки, а во одредени делови на Берлин, Шерлотенбург и паркот Тиергартен, уапсени се голем број демонстранти.

Движењето „Кверденкер“ е најголемо меѓу водечките демонстрации против блокадата во Германија, собирајќи илјадници поддржувачи на митинзите во Берлин и други градови, обединувајќи ги противниците на вакцинацијата, оние што го негираат постоењето на коронавирусот, таканаречени теоретичари на заговор и десничарски екстремисти.

Германската разузнавачка служба претходно предупреди дека движењето станува порадикално, ставајќи ги под надзор некои од неговите поддржувачи.

Германија ублажи многу ограничувања за вирусот во мај, вклучително и повторно отворање ресторани и барови. Сепак, многу активности, како вечера во ресторани или престој во хотел, бараат таканаречени ковид-пропусници, кои вклучуваат доказ за вакцинација, негативен тест или дека лицето се заразило со коронавирус, пренесуваат АП и Бета.

Протестите следуваа по големите демонстрации против мерките во Европа. Илјадници луѓе протестираат во Франција веќе три викенди поради барањето за задолжителна вакцинација, повремено се судираат со полицијата, а околу 80.000 луѓе протестираа во градовите низ Италија минатиот викенд.

Слични содржини