70 милиони евра за Западен Балкан за да купи вакцини

од Stefanija Kuzmanovska

Европската унија ќе донира 70 милиони евра за земјите од Западен Балкан за набавка на вакцини, изјави еврокомесарот за здравство, Стела Киријакидес, за време на дискусијата за глобалната стратегија на ЕУ за вакцинација во Европскиот парламент во Брисел.

Киријакидес рече дека ЕУ ќе ги поддржи приоритетните групи во Западен Балкан и соседството, како и здравствените работници во земјите со ниски примања, особено во Африка, преку механизмот за споделување на вакцините.

„Ќе доделиме грант од 70 милиони евра на Западен Балкан, за набавка на вакцини од земјите членки. Во соработка со земјите-членки, работиме и на механизам за распределба на вакцините надвор од границите на ЕУ, пред системот КОВАКС да биде оперативен“, рече Европскиот комесар за здравство.

Киријакидес додаде дека ЕУ, заедно со Светската здравствена организација, работи на дополнителни 50 милиони евра помош за Западен Балкан и соседството за борба против епидемијата.

Во дебатата во Европскиот парламент, комесарот за здравство истакна дека ЕУ, со заедничко дејствување при набавка на вакцини, обезбедила голем број дози под поволни услови, но дека сега има одговорност да ја искористи својата позиција за поддршка на другите.

„Секој потег што го планираме има иста цел: брз, еднаков и универзален пристап до безбедни вакцини. Ниту една земја нема да биде безбедна, ниту пак ќе биде можно економско закрепнување се додека вирусот не биде поразен на сите континенти“, заклучи Киријакидес.

Слични содржини