Захарова: Русија очекува да расте довербата со САД по состанокот во Истанбул

од Aneta Risteska
19 прегледи

Москва очекува руско-американската средба во Истанбул за работата на дипломатските претставништва да биде прва во серијата вакви консултации, изјави денеска портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.

„Очекуваме дека денешниот состанок ќе биде прв од серијата слични експертски консултации што ќе не доближат нас и американската страна до надминување на разликите што се појавија и зајакнување на мерките за градење доверба“, рече Захарова на прес-конференција, пренесува РИА Новости.

Во резиденцијата на американскиот генерален конзул во Истанбул во 10 часот по локално време започнаа руско-американските преговори со цел да се решат споровите за работата на амбасадите на двете земји во Вашингтон и Москва.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, најавувајќи ја претстојната средба, изрази надеж дека резултатите од средбата јасно ќе покажат до кој степен двете страни ќе можат „брзо и ефективно да се движат“ кон решавање на проблематичните прашања.

Тој претходно рече дека на средбата во Истанбул двете делегации ќе ги испитаат „сите системски проблеми што се акумулирани како резултат на незаконските активности на претходната администрација за создавање вештачки пречки за работата на руската амбасада“.
Американскиот Стејт департмент објави дека за време на разговорите на високо ниво нема да се разговара за Украина и политички или безбедносни прашања, пренесува Танјуг.

Слични содржини