Научниците предвидуваат силен земјотрес во северниот дел на Чиле

од Aneta Risteska
28 прегледи

Петнаесет години по разорниот земјотрес со јачина од 8,8 степени според Рихтеровата скала што го погоди јужниот дел на Чиле во 2010 година, научниците предупредуваат на можноста од силен земјотрес во северниот дел на земјата богат со минерали.

Земјотресот во 2010 година, кој траеше четири минути и предизвика цунами во кое загинаа 550 луѓе, беше најсмртоносната природна катастрофа во Чиле по земјотресот со јачина од 9,5 степени во 1960 година – најсилниот земјотрес што некогаш бил регистриран во светот, објави Ројтерс.

Чиле е најголемиот светски производител на бакар и втор по големина производител на литиум, а северот на земјата е дом на најголемите рудници за бакар и целото производство на литиум.

„На секои 10 години има големи сеизмички настани. Врз основа на ова, можеме да кажеме дека на краток рок, сеизмолошки и геолошки, очекуваме голем земјотрес на северот на земјата“, изјави сеизмологот Фелипе Лејтон од Универзитетот во Чиле.

Чиле, кој се протега во должина од 4.300 километри, со просечна ширина од 180 километри, се наоѓа во сеизмички активниот „Огнен прстен“ околу Тихиот Океан.

Геологот Мохама Ајаз од Универзитетот во Сантијаго истакна дека ГПС технологијата овозможува следење на движењето на тектонските плочи и предвидување на можни сеизмички настани.

„Се разбира, не можеме да кажеме точно кога ќе се случат, но можеме да ги предвидиме“, рече Ајаз.

Тој додаде дека нема поголемо ослободување на сеизмичкиот притисок на северот на земјата, како оној што го погоди југот во 2010 година.

Слични содржини