Следната година предвидени се 400 милиони евра за капитални инвестиции во инфраструктурата. Тоа е рекорден износ досега за инфраструктура, за капитални инвестиции. Од нив дури 320 милиони евра ќе бидат за патишта.
Ова денеска го истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, одговарајќи на новинарско прашање по увидот во градежните активности за продолжување на булеварот „Србија“ до кружниот тек кај улицата „Христо Татарчев“ во општина Кисела Вода.

Груевски појасни дека следната година ќе се заврши автопатот Демир Капија-Смоквица, а Скопје-Штип и Кичево-Охрид ќе се привршат, односно ќе дојдат до самиот крај.
– Тука се експресните патишта кои наскоро почнуваат да се градат и кои се во завршна фаза на подготовки. Тоа се Кочани-Штип, Штип-Радовиш, Ранковце-Крива Паланка, Градско-Прилеп, рече Груевски.
Тој изрази надеж дека во текот на следната година ќе се создадат услови и патот од Охрид до Пештани да се започне, кој е експресен пат со четири ленти. Додаде дека предвидена е и изградба на други патишта.
– Се на се 320 милиони евра во една година ќе бидат инвестирани за патишта, пред се автопатишта, експресни, регионални, магистрални и се разбира локални патишта. Тоа ќе биде силен придонес во патната инфраструктура во Македонија и ќе се почувствува од страна на граѓаните во комуникациите, движењето, транспортот, независно за каков транспорт станува збор, товарен или патнички, рече Груевски.
Сите тие, како што рече, се дел од нашата програма и сето тоа е нешто што сме го ветиле во нашата програма, на граѓаните.
– Ние многу внимаваме тоа што сме го ветиле да го исполниме и да го испорачаме, додаде Груевски./МИА