Абас: Нема мир на Блискиот исток без да се стави крај на окупацијата на Израел

од Vladimir Zorba

Палестинскиот претседател Махмуд Абас вечерва по потпишувањето на договорот за нормализирање на односите меѓу Израел и двете земји од Персискиот залив изјави дека „нема мир“ на Блискиот исток без „крај на окупацијата“.

„Нема да има мир, безбедност и стабилност во регионот ако не се стави крај на окупацијата и почитување на целосните права на палестинскиот народ“, рече палестинскиот претседател во изјавата пренесена од АФП.

Абас оцени дека „нема проблем меѓу земјите потписнички на договорите и израелските власти за окупација, туку со палестинскиот народ кој страда под окупацијата“, изјави палестинската официјална агенција „Вафа“.

Израелските арапски пратеници ги осудија договорите потпишани во Белата куќа меѓу Израел и Обединетите Арапски Емирати и Бахреин.

„Церемонијата во Вашингтон не е историски договор за мир, туку историски договор за вооружување. Не ја прифаќа реалноста дека Палестинците живеат под окупација без независност или основни права во замена за авиони и сајбер системи. Неколку бизнисмени ќе имаат корист од овој ден и сите знаат дека ниедна личност на Блискиот исток нема да се чувствува послободно или побезбедно“, рече Ајман Одех, лидер на партијата Заедничка листа.

Тој додаде дека окупацијата ќе продолжи утре и дека Палестинците ќе живеат под воена власт, еврејските доселеници ќе продолжат да ги крадат нивните земји, а израелските војници ќе продолжат да бидат на контролните пунктови и да влегуваат во палестинските домови.

Исламски „Хамас“ ги осуди договорите меѓу Емиратот и Бахреин со Израел, оценувајќи дека тие не вредат на хартијата на која се напишани.

„Нашиот народ инсистира на продолжување на нивната борба се додека не обезбеди враќање на сите свои права“, рече Хамас, кој владее со појасот Газа, откако вечерва беа истрелани две ракети од таа палестинска територија во јужен Израел.

Слични содржини