Администрацијата чистеше со „Не биди ѓубре“(ГАЛЕРИЈА)

од Vladimir Zorba

Денеска се оддржа акцијата „Администрацијата чисти со Не биди ѓубре“, која е организирана заедно со граѓанскотото здружение „Не биди ѓубре“, а е помогната и од канцеларијата на ЕУ во Скопје и амбасадорот Самуел Жбогар.

Нејзина основна цел, покрај тоа што ќе се исчистат определените локации, е пред се подигнувањето на свеста кај граѓаните.

Локациите на кои се одвиваше акцијата беа езерцето Треска во Сарај, Аквадуктот, СЦ „Борис Трајковски“, Кале, Музејот на современа уметност, касарната „Илинден“, Јужен булевар, „Бихаќка“, Државното училиште за физичка култура „Методија Митевски Брицо“, Железничката и автобуската станица, улица „Џон Кенеди“, кај Собранието, цела улица „Македонија“, МКЦ и МТВ, касарната „Гоце Делчев“, улица „Ферид Бајрам“, улица „Александар Урдаревски“, Европската очна болница, улица „Индустриска“ во Гази Баба и целиот кеј на реката Вардар.

Секој човек има право на здрава животна средина, но истовремено и секој е должен да ги унапредува и штити животната средина и природата во својата локална заедница, порача денеска премиерот Зоран Заев од ОУ „Панајот Гиновски“ во Бутел каде со владината администрација учествуваше во акцијата ,,Администрацијата чисти со Не биди ѓубре”.

-Доследно почитување и практикување на овие принципи претставува услов за подобро здравје, поквалитетен и подолг живот на граѓаните. Се надеваме дека на овој начин ќе влијаеме и на свеста на граѓаните и севкупно врз граѓаните за да успееме да ги сочуваме локциите откако ќе заврши оваа акција, рече Заев.

Оваа акција е со цел да ја подигнеме јавната свест кај сите граѓани, изјави пак министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

– Денеска не е само моментот дека ќе го исчистиме целото ѓубре, туку да направиме напори преку вакви акции да ги поттикнеме сите луѓе и да ја испратиме пораката за тоа колку е важно сите да ја штитиме животната средина. Немаме доволно висока јавна свест дека треба заедно да допринесеме кон подобра животна средина, сподели Спасовски.

Вработените од Град Скопје денеска чистеа на повеќе локации по должината на Кејот на реката Вардар, на потег од мостот „Обединети нации“ до мостот Тодор Александров (Поранешен Близнак), вториот дел од Градскиот парк и други јавни површини.

Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов изрази надеж дека со оваа акција ќе се постигне основната цел на оваа акција а тоа е подигнување на свеста кај сите граѓани за одговорно однесување кон хигиената во градот.

Фото: Борче Поповски

Слични содржини