Афера „секс-снимка“: Обвинителството бара 10 месеци условна казна за Бензема

од Nikola Popovski

Јавниот обвинител во четвртокот побара десетмесечна условна казна за ѕвездата на Реал Мадрид, Карим Бензема (33), обвинет за соучество во обидот да го уценува Матју Валбуена во аферата со секс-снимката.

Обвинителот побара и казна од 75.000 евра за францускиот напаѓач.

„Бензема не беше добар Самарјанин кој дојде да помогне, тој им дозволи на преговарачите да дојдат до крајот и уценувачите да ги допрат парите“, рече обвинителката Сеголин Марез за време на образложувањето на нејзиното обвинение.

– Тој беше вклучен во овој тим, вклучен во овој проект на обид за уцена за интимно видео – додаде таа.

Францускиот напаѓач, кој е еден од најголемите кандидати за „Златната топка“ оваа година, е обвинет за учество во обид за уцена. Обвинителите тврдат дека Бензема го охрабрил Валбуена да плати на група уценувачи за да ја држат сексуално експлицитната видео снимка подалеку од очите на јавноста.

Уценувачите првично се обратија до поранешниот француски репрезентативец Џибрил Сисе за да го убедат Валбуена да плати пари за нивно молчење. Наместо тоа, Сисе го предупредил за изнудата, рече Валбуена. Наводните уценувачи потоа го ангажираа Бензема да го охрабри Валбуена да плати за молкот.

Против четворица други обвинети, кои во овој случај се гонат за обид за уцена, јавниот обвинител побара казни од 18 месеци условно до четири години затвор.

Обвинителството побара четири години затвор и парична казна од 15.000 евра за Мустафа Зуауи, кој се смета за „мозокот“ на целата афера.

За пријателот на Бензема од детството, Карим Зенати, се бараат две години затвор и парична казна од 5.000 евра, а против Аксел Ангот 18 месеци затвор и парична казна од 15.000 евра. Против посредникот Јунес Хоус беше побарана условна затворска казна од 18 месеци и парична казна од 5.000 евра.

Откако целиот случај заврши во медиумите во 2015 година, францускиот селектор Дидие Дешамп ги исфрли двајцата од националниот тим.

Валбуена после тоа повеќе не играше за триколорите, додека Бензема летово повторно играше за актуелниот светски првак на ЕП.

Француската фудбалска федерација (ФФФ), која беше граѓанска страна во овој случај, го поздрави потегот на Валбуена, „првиот играч кој имаше храброст да каже не, да се спротивстави и да се жали“.

Валбуена не присуствуваше на судењето во четвртокот, тој го напушти Версај во средата и отпатува за Франкфурт каде вечерва неговиот Олимпијакос го очекува меч од Лига Европа против Ајнтрахт.

– Оваа операција е намерен обид за уцена, кој ќе беше успешен да не беше храброста на Валбуена и извонредната трудољубивост на полицијата. Некој би помислил дека се работи за лоша мафијашка серија“, рече адвокатот на Валбуена.

Карим Бензема не присуствуваше ниту на рочиштата, а се очекува судот во петок да изрече казни.

Слични содржини