АФПЗРР: Ќе се одобрат над 350 барања за финансиска поддршка на апликантите

Во финална фаза е обработката на пристигнатите и комплетни барања за финансиска поддршка преку ИПАРД 2 програмата, Мерка 1 „Инвестиции во материјални средства за модернизација на земјоделски стопанства“, ифнормираше денес Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

Директорот на институцијата, Никица Бачовски посочи дека се очекува одобрување на над 350 соодветни барања, а апликантите во периодот кој следува ќе бидат повикани да ги потпишат договорите.

„Вкупната финансиска поддршка за сите над 350 барања изнесува 9,2 милиони евра. Со потпишување на овие договори, целосно ќе биде искористен буџетот за Мерка 1 „Инвестиции во материјални средства за модернизација на земјоделски стопанства“ кои беа одобрени со програмскиот опериод 2014 – 2020, односно, ќе се преземат финансиски обврски за сите расположиви средства од оваа мерка“, потенцира Бачовски, информираат од АФПЗРР.

Инаку, преку оваа мерка се реализираат инвестиции кои се однесуваат на приоритетните сектори: растително, сточарско производство, преработка и директен маркетинг на сопственото земјоделско производство на земјоделското стопанство, производство на енергија од обновливи извори за сопствена потрошувачка.

Финансиските средства по поединечно барање се доделуваат како неповратен грант во износ од: 60 отсто од вредноста на вкупно прифатливите трошоци на инвестициите за оваа мерка. Процентот се зголемува до 65 отсто за инвестиции во земјоделски стопанства предложени од страна на млади земјоделци (физички лица на возраст од 18 години до 40 години на денот на поднесување на барањето за финансиска поддршка) и 70 отсто за инвестиции во земјоделски стопанства во планинските области.

Слични содржини