Агелер: Амбасадата на САД и јас ќе стоиме рамо до рамо со луѓето од С. Македонија

од Nikola Popovski

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваната амбасадорка на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија, Анџела Прајс Агелер.

-Фактот дека ова не е Ваш прв дипломатски престој во Скопје и дека сте одличен познавач на состојбите во нашата земја, претставува значајна претпоставка за натамошно збогатувањето на билатералните односи. Во оваа прилика, би сакал да истакнам дека Република Северна Македонија во континуитет посветува посебно внимание на развојот на пријателските односи и билатералната соработка со Соединетите Американски Држави, кои ги сметаме за голем пријател, значаен економски партнер и искрен поддржувач во најтешките моменти уште од нашата независност, рече меѓу другото Пендаровски во своето обраќање. 

Новата американска амбасадорка порача дека ѝ претставува чест што го претставува претседателот и американскиот народ како амбасадор на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија.

-Во периодот, откако последен пат бев тука, Северна Македонија се соочи со големи предизвици и донесе тешки одлуки, одлуки што ја поместија земјата понапред на патот на евроатлантските интеграции. Оваа земја го промени своето име за да стане 30-тата членка на НАТО Алијансата – нашиот најнов сојузник.  Ги отвори пристапните преговори за членство во Европската Унија, зацврстувајќи ја својата позиција како лидер во градењето на безбедноста и просперитетот на Западен Балкан. Вашето претстојно претседавање со ОБСЕ во 2023, ја покажува клучната улога што земјата ја игра за иднината на Европа.

Иднината е навистина светла, и покрај тоа што земјата се соочува со стари и со нови предизвици. Господине Претседател, денес сум овде да ветам дека нема сами да се соочите со тие предизвици. Соединетите Американски Држави, Амбасадата на САД и јас ќе сториме сè што е во наша моќ да им помогнеме на луѓето во Северна Македонија да успеат да ги прифатат и да ги надминат сите тие предизвици. Ви го давам мојот личен завет дека ќе стоиме рамо до рамо со луѓето на оваа земја, така како што земјата ги остварува своите цели за мир, просперитет, безбедност и независност за сите свои граѓани, истакна Агелер.

Слични содржини