Агентот на Икарди потврди дека тој си заминува од Интер

од Vladimir Zorba

Големите тимови во Европа ја сакаат ѕвездата на Интер, Мауро Икарди и веќе е очигледно дека „неразурите“ тешко дека ќе може да го задржат. Барем тоа се гледа од зборовите на новиот агент на фудбалерот, Федерико Пасторело.

Тој објави дека неговиот клиент ќе биде „најголемиот трансфер следното лето“. И веднаш ги потхрани гласините дека заминувањето е повеќе од сигурно.

На последниот ден од зимскиот прозорец, се појавија информации за интерес кон него од Реал Мадрид, а самиот тој пушти мистериозна порака што се толкуваше како разделба со фановите на Интер. И сега се чини дека разврската е само одложена за лето.

„Ме прашувате каква е иднината на Икарди? Ќе ви кажам дека тој ќе биде најголемиот трансфер на претстојниот преоден рок“, рече во чист текст агентот за весникот „Туто Спорт“.

Иако „нероазурите“ влегоа во серија од осум натпревари без победа, тој продолжува да блеска за нив и оваа сезона, откако има 18 гола во 24 натпревари со кои продолжува да биде водечки стрелец на Интер.

Слични содржини