Агуеро доби мурал во Манчестер (ФОТО)

од Vladimir Zorba

Серхио Агуеро го напушта Манчестер Сити на крајот на сезоната.

Неговиот клуб вечерва го игра последното коло од Премиер лигата против Евертон, а тоа ќе биде и последниот натпревар на Аргентинецот на „Етихад“ за клубот во кој се приклучи во 2011 година од Атлетико Мадрид.

Агуеро има освоено пет шампионски титули, еден ФА Куп и шест Лига купови во десет одлични сезони и ќе остане запаметен како најголемиот играч на тој клуб во историјата. На 388 натпревари, тој постигна дури 258 голови со 73 асистенции, а на 29 мај против Челси во Порто, тој има можност да ја освои Лигата на шампионите.

Сити подготвува големо збогување со својот голем стрелец. На Твитер објави фотографија од него со сите освоени трофеи, а огромен мурал се појави во делот од градот што му припаѓа на Сити. На него е прикажан Агуеро како го слави епскиот погодок во 94-тата минута од натпреварот против КПР во последното коло од Премиер лигата 2012 година, со што Сити ја донесе титулата по 44 години.

Сити претстави и мозаик во градот со лик на 32-годишниот Аргентинец пред тренинг центарот на Сити. Клубот исто така нарача споменик во чест на Аргентинецот.

Агуеро треба да ја продолжи кариерата во Барселона, со која наводно е во напредни преговори. Тој ќе дојде на „Ноу Камп“ како слободен агент, а договорот треба да биде потпишан до 2023 година. Пред да дојде во Сити, Агуеро постигна 100 голови за Атлетико Мадрид на 230 натпревари.

Слични содржини