Ахмети испрати писмо и до Мицкоски: „Секој обид да се доведе во прашање Охридскиот договор може да ја влоши состојбата во земјата и регионот“

од Nikola Popovski
252 прегледи

Од ДУИ информираат дека претседателот на партијата, Али Ахмети денеска испратил официјално писмо до премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во врска со неодамнешните одлуки на Уставниот суд и нивното влијание врз меѓуетничката кохезија и стабилноста на земјата.

Писмото е, велат од ДУИ, одговор на сериозните предизвици со кои се соочува Северна Македонија во исклучително чувствителен геополитички момент, кога секоја нова тензија може да има негативни последици за меѓуетничките односи и внатрешниот државен развој. Ахмети нагласува дека одлуките за отстранување на механизмите за заштита на заедниците и измените во Законот за употреба на јазиците не само што се политички контроверзни, туку се многу опасни и штетни за напредокот и одржливоста на општеството.

ДУИ апелира на поголема одговорност и зрелост од политичките партии и институции во овој критичен период, промовирајќи решенија кои ќе ја зајакнат соработката и единството, а не поделбите. Писмото на Ахмети претставува повик за соработка, меѓусебно почитување и конструктивен дијалог.

-ДУИ останува посветена на заштитата на меѓуетничкото разбирање и инклузија, кои се темелите на напредокот на Северна Македонија и нејзината европска иднина, велат од партијата.

Во продолжение целосната содржина на писмото:

„Ви се обраќам во исклучително чувствителен период за нашата земја. Геополитичката ситуација е поопасна од кога било од крајот на минатиот век, со ескалацијата на руската агресија во Украина, амбициите на Кина, комплицираната ситуација на Западен Балкан, нестабилноста во Босна и Херцеговина, тензиите меѓу Косово и Србија, и континуираните блокади од Бугарија. Во оваа комплицирана средина, секое ново нарушување на меѓуетничките односи би имало сериозни последици за внатрешната кохезија и предвидливост.

Неодамнешните одлуки на Уставниот суд, кои се чини дека се извршување на програмата на вашата партија за укинување на клучните механизми за заштита на заедниците, предизвикаа загриженост кај сите граѓани кои се залагаат за градење стабилни меѓуетнички односи во Северна Македонија.

Охридскиот договор, кој донесе подобро меѓуетничко разбирање, не е само политичко прашање, туку и темел на нашата мултиетничка демократија и демократски напредок. Секој обид да се доведе во прашање, особено во сегашниот контекст, е чекор што може да ја влоши состојбата во земјата и регионот.

Одлуките за измена или ревизија на Законот за употреба на јазиците, кој е клучен елемент на Охридскиот договор, не само што се политички контроверзни, туку и се штетни за напредокот и соработката меѓу заедниците. Ова е развој што може да ги поткопа тешко стекнатите придобивки и да ја втурне земјата во периоди на несигурност.

Затоа, ве повикувам да размислувате со разумност и одговорност за овие одлуки кои имаат потенцијал да ја нарушат мултиетничката кохезија во Северна Македонија. Иднината на нашата земја мора да се гради врз основа на соработка и меѓусебно почитување, а не поделеност. Секој чекор што ги руши овие темели е штетен за иднината на нашата држава и за сите нејзини граѓани, без разлика на етничката припадност“.

Претходно беше објавено дека Ахмети испратил писмо до Европската унија, до претседателите на Франција и на Германија и до претседателите и премиерите на Албанија и на Косово.

Смета дека поради најновите политички и уставни случувања се загрозуваат постигнувањата на Охридскиот договор. Според Ахмети, Уставниот суд планира да ги укине основните одредби на Законот за употреба на јазиците, а зборува и за одлука за забрана на идентификацијата на етничката припадност на граѓаните во државните институции.

Слични содржини