Ахмети остана сам, останатите албански лидери не дојдоа на средбата

од Nikola Popovski

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети остана сам на маса, односно не дојде ниту еден од поканетите лидери на партиите од албанскиот блок.

По 20-минутното чекање, Ахмети ги поканил на масата да седнат новинарите и 30-тина минути им зборувал за целта на ваквата иницијатива, па откако им објаснил на новинарите, истото го повторил и пред камера.

Непојавувањето на Села, Гаши, Касами, Тачи, според Ахмети, значи дека му ја намалуваат силата и притисокот во преговорите за формирање влада.

Како што вели, веќе нема да свикува тркалезна маса и посочи дека сега албанска тркалезна маса нека организираат оние кои не дојдоа на средбата.

„Сега нека ја свикаат оние кои не дојдоа. Не е оправдување времето или некаков недостаток што тие не нашле време за да ги направат потребните анализи. Јас не можам да изготвам политичка платформа околу тоа како ДУИ гледа на нештата, туку на тркалезната маса треба да се одредат темите за кои тие сакаат да разговараат“, рече Ахмети.

За лидерот на ДУИ неприфатлива е евентуална коалиција меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и порача дека тоа може да доведе до дестабилизација. Ахмети порача дека опструкциите не се добри за земјата и смета дека не е добро да се оди на нови предвремени избори.

Слични содржини