Ахмети прави „чистка“ во ДУИ: „Огнените се веќе дежа ву-треба млади и квалитетни кадри, а токму такви се Груби и Османи“

од Nikola Popovski

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети ја „разгоре“ внатрепартиската војна откако го смени предводникот на „Огнената група“, Изет Меџити од функцијата претседател и координатор на чаирскиот огранок и на негово место го стави сегашниот генсек на партијата и шеф на македонската дипломатија, Бујар Османи. Иако самиот Меџити тврди дека ова е нестатутарно и нелегитимно решение, затоа што не е поминато низ партиските органи и дека Османи добил речиси непостоечка функција, останува прашањето дали првиот човек на ДУИ полека почнува да расчистува со „бунтовниците“ во партијата?

Поранешниот пратеник Зуди Џелили за „Локално“ оценува дека „ако излегуваш јавно и кажуваш дека егзекутивот на ДУИ е слаб и катастрофален, а од друга страна си дел од партијата-тогаш тие две работи не одат заедно“. Ова го вели Џелили во однос на изјавите од страна на „Огнената група“.

Зуди Џелили

-Мислам дека сега тоа што се случува околу разрешувањето и именувањето на кадрите од Алијанса за Албанците, можеби ги зафаќа таквите луѓе со намера. Или не си задоволен и напушташ сам или си задоволен и остануваш на функцијата. Тие малку сами треба да одлучат – или да ги повикаат сите функционери ако нема резултати и да се повлечат или да останат и да бараат реформи внатре. Мислам дека појака ќе биде групата на Ахмети бидејќи ако ги земеме во предвид другите, сите по 10 години биле заменици, градоначалници, функционери, пратеник, така да не се тие млади или некои кадри што се очекува многу од нив. Тие се веќе дежа ву – веќе видено, смета поранешниот пратеник.

Според него, во почетокот во ДУИ не изгледаше дека се длабоко во криза, но како што поминуваат денови и настани, се повеќе се продлабочува.

-Свесни се тие дека излезе на виделина нетрпението кон луѓето во власта поставени од Ахмети и другата група на луѓе кои биле на власт подолго време. Тие мислат дека имаат свој придонес во партијата уште и дека преку органите на партијата да одлучуваат за ДУИ, истакнува Џелили.

Соговорникот порачува дека е потребна промена во ДУИ и поголем простор за помладите кадри, како што тврди, Артан Груби и Бујар Османи.

-Цело време зборуваме дека треба простор на младите бидејќи ова е процес. Еден или два мандати и доста е. После тоа ќе преминеш на една поспоредна функција и ќе им отвориш пат на младите. Сите кога зборуваме во структурите на партијата дека треба што повеќе млади и дипломирани лица со нова култура и услуги, во случајот на ДУИ старите се лутат. Во право е Ахмети кој назначил млади луѓе кои навистина се квалитетни. Сами можете да процените колку добро Бујар Османи се справува во дипломатијата. Знае неколку јазици и ги зборува одлично. На многу средби ја претставува државата како што треба и тука е разликата. Ако ги споредиш и како фигури и како поединци, Груби и Османи се многу поспособни и поквалитетни. Ахмети го знае ова, цело време работи со нив, тој е како тренер – знае кои играчи се поквалитетни и поперспективни, посочува Џелили.

Од друга страна аналитичарот и поранешен член на ДИК, Енвер Салихи смета дека со последниот потез лидерот на ДУИ покажа решителност и им го покажа патот на своите сопартијци.

Енвер Салихи

-Мислам дека е погрешна теза поделбата во ДУИ и е на штета на Албанците, со што се отвара простор за една ДУИ со 8-10 пратеника и со 2 до 4 партии со 4-5 пратеници и тешко ќе биде да се одреди кој ќе ја претстави волјата на албанците во идната влада, оценува Салихи во разговор за „Локално“.

Тој порачува дека ова е сериозен удар врз ДУИ, но и целокупното албанско население бидејќи се губи една конзистентна сила, еден важен фактор во политичката сцена и се отвара голем простор за сезонски или маалски партии.

-Веќе е очигледно дека се оди кон формирање на нова политичка партија во Македонија и тоа изгледа е желба и двете крила во ДУИ поради немање на заеднички јазик меѓу спротиставените. Токму последниот удар со назначување на Бујар Османи како кординатор е точка Д во случајот и се очекува можен расплет наскоро, рече Салихи.

Според него, ова се внатрешни судири и сепак дошле како резултат на меѓусебна некординација на погореспомнатите лица.

-Но ако ги земеме и двете групи сите се предолго во политиката и се „експерти“ за секоја позиција така што тука се работи за желба за владееење, а не за принципи. Во ДУИ и во другите партии е потребно да се вклучат млади кадри, а не вечните кадри од двете крила кои се присутни 20 години во политичката сцена. Сето тоа не се овозможува кога нема стабилна опозиција и нема вистинска сила да ги пензионира лицата кои по занимање се „функционери“, потенцира Салихи.

Н.П.

Слични содржини