Ахмети: Првиот премиер Албанец ќе се избере тука во Собранието

од Берта Китинска

Претседателот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети денеска пред Парламентот изјави дека кандидатот за прв премиер Албанец Насер Зибери нема ниту еден скандал зад себе. Тој, рече Ахмети, ќе биде избран тука во Собранието.

На прес-конференцијата пред Собранието, Ахмети оцени дека Зибери има многу поголемо искуство отколку останатите двајца кандидати Зоран Заев и Христијан Мицкоски.

– Време е оваа нова генерација зад мене да ја покаже својата вредност, а Вие, сите, определени и неопределени, жени и мажи, млади и стари, излезете и гласајте, заокружете го бројот 9, потврдете ја Вашата вредност давајќи и можност на новата генерација и тие да ја докажат нивната вредност и да го изберат првиот премиер Албанец во Северна Македонија кој ќе се избере токму во ова зграда позади мене, во Собранието, рече Ахмети.

Посочи дека нивната идеја за прв премиер Албанец датира уште од нивниот втор партиски Конгрес, одржан на 17 декември 2009 година во Скопје.

Во своето обраќање, Ахмети истакна и дека е дојдено време да се постави, како што рече, последниот камен во ѕидовите на тврдината за да се острани етничката хомогенизација и да им стави крај на предрасудите.

Слични содржини