Академик Беџети: Не се согласувам со претседателот на МАНУ во однос на начинот на изучување на предметот историја

од Vladimir Zorba

„Не го разбирам отпорот кон најавената образовна реформа“, изјави за „Локално“ академик Абдулменаф Беџети по дебатата со претставници од Министерството за образование, Бирото за развој на образованието и членовите на работната група.

Како парадоксален го посочува фактот дека во услови на катастрофални услови во образованието одредени високо образовни и научни институции не ги подржуваат предложените реформи за високо образование.

Во однос на ставот на претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев дека е потребно систематско и посебно изучување на предметот историја вели: „Тоа е негово лично мислење, а не на органите на МАНУ. Јас сметам дека историјата не треба да се изучува доминантно како национална, во смисла на етничка историја, туку во контекст на историјата на општеството. Според него, тоа што времето на овие зафати коинцидира со некои историски проблеми со Бугарија е друго прашање. Ние и како општество ако пристапиме само со етноцентрични решениjа во учењето на историјата ќе имаме и внатрешна општествена фрагментација и конфронтација во време кога се залагаме за „едно општество за сите“.

Во каква атмосфера помина дискусијата и колку сте задоволен од соработката на Министерството за образование со МАНУ во однос на предложените реформи во основното образование?

– На средбата бевме повикани не како представници на МАНУ, туку како академици од Одделението за општествени науки.Ова е прв пат на расправа од овој тип (реформи во основно образование) да бидат поканети лица од врвни институции за решениjа во основно образование. Дикусијата беше плодна и контруктивна, а ние од наша страна ги искажавме нашите видувања, сугестии и предлози. Се согласивме дека состојбите во образованието се лоши, а секако, почетокот на тој процес е во основното образование. Оттука, се чудам зошто од одредени институции, меѓу кои од високо-образовни и научни институции има отпор кон најавената образовна реформа. Тоа е парадоксално, бидејќи од една страна сите се согласуваме дека состојбите во образованието се катастрофални, а од друга страна се искажува нелогичен отпор. Ние како академици од Одделението на општествени науки дадовме предлози од аспект на принципи, области (курикурални, човекови ресурси, инфра и суперструктура) како и следење на истите со фискалните ресурси.

Претходно, претседателот на МАНУ излезе со реакција (соопштение) во однос на реформите, особено делот со предметот историја, односно неговото спојување со други предмети.Оттука и барањето на МАНУ реформите да обезбедат систематско и посебно изучување на македонскиот јазик и македонската историја.

Тоа е негово лично мислење а не на органите на МАНУ. Секако е негово право за свое лично мислење и размислување како и сите ние поединечно. Моите ставови за оваа прашање се различни од ставовите на некои други членови па и од претседателот! Немаме исти размислувања во однос на ова прашање и не мора да имаме. Јас сметам дека историјата не треба да се изучува доминантно како национална, во смисла на етничка историја, туку во контекст на историјата на општеството. Дури и експертскиот тим за реформите при образложение на контекстот на прашањето, подвлече дека етноцентрично е учење на историјата само во воено и политички контекст на добар пристап и решение. Историјата на општеството треба да ја инкорпорира социјалната, економската, културната историја. Ваков интердисциплинарен пристап во изучувањето на историјата имаат на пример САД.

Тоа што времето на овие зафати коинцидира со некои историски проблеми со Бугарија е друго прашање. Но ние и како општество ако пристапиме само со етноцентрични решениjа во учењето на историјата ќе имаме и внатрешна општествена фрагментација и конфронтација во време кога се залагаме за ,,едно општество за сите,,. Нели постои голема контрадикторност помеѓу тие кои, од една страна се залагаат за концепти на граѓанска држава (и се против бинационална држава) а од друга страна се залагаат за „национална историја“ преку воено-политичка диоптрија!? Оваа не само што нее „рамнотежа“ туку и не е методолошки конзистентно!

Во истото соопштение на МАНУ се посочува дека е потребна динамичка рамнотежа меѓу математиката, природните и техничките науки од една страна и општествените и хуманистичките , вклучувајќи ја и етиката од друга.За што поконкретно станува збор?

– Секако дека е потребна рамнотежа но јасно е дека нема чиста линија на издвојување помеѓу општествените науки и природните, тие често вкрстуваат, на пример Географија може да припада во природните но дел и во општествени науки. Погоре нагласив дека таквото соопштение, на кое Вие се повикувате, е мислење на поединци, па макар било тоа и од претседателот на МАНУ. Органите на МАНУ не расправале за овие теми, барем мене како член на претседателство не ми е познато дека таква расправа имало!

Еден од главните аргументи за образовни реформи од овој тип е нефункционалната неписменост на нашите ученици. Дали е ова вистинскиот пат?

-Апсолутно. Меѓу другото, во мојот настап, јас посебно предложив дека некои претходни промени направени во 2007 (со т.н.Кембриџ систем) и 2013 год. не треба целосно да се отфрлуваат. Ништо не почнува од сега и од нас но сметам дека ова се вистинските зафати кои ни се потребни за надградба на системот. Секако, станува збор за комплексен приод, не можеме да ги очекуваме првите резултати по 2-3 години туку по барем една година, но мораме да тргнеме по овој пат. Никогаш нема да можеме да го почнеме овој процес ако чекаме исполнување на сите услови. Во регионот сме на дното според образовните резултати кај најмладите искажани со ПИСА тестовите. Дури има земји околу нас и во наша близина кои и по обем на буџет за образование, било по глава на жител или пак по глава на ученик се далеку под нас ама со ПИСА резултатите се многу подобри од нас.

Според официјалното соопштение од средбата, главни теми во дискусијата, а се и најбројни меѓу пристигнатите забелешки до МОН, се динамиката со којашто ќе се спроведуваат реформите, како и обуките коишто им претстојат на наставниците.Можете ли да ни кажете нешто повеќе околу овие две забелешки?

– Зборувавме пред се за системот на квалитет. Основен фактор за квалитет се човечките ресурси (учителите и наставниците). Укажавме дека ќе биде потребна нивна посебна надградба (како педагошки така и дидактички), обука и подготовка но таа не смее да биде површна туку суштинска. Секако, материјално-финансиската мотивацијата е многу важен чинител. Не можете да барате подобри резултати без награда во форма на повисока плата и распоредена по резултати. Исто така, посочивме дека ќе бидат потребни и различни пристапи во зависност од местото и регионот. Така на пример, различна е проблематиката, кадровскиот профил и инфраструктурата во општина од Скопје со онаа од одредено населено место на пример во Берово, Теарце или пак Брвеница. Што се однесува на динамиката на реализација на реформите, таа ќе се трае во период од 4-6 години, но секако дека ќе треба и фискално планирање на реализација на планот.

Вие сте човек од бизнисот. Главен проблем на работодавачи е обезбедување на кадар кој ќе одговори на потребите на пазарот на труд. Дали овие реформи ќе значат почеток на надминување на недостатоците од овој тип?

– Токму тоа ќе значат. Треба да ги научиме децата од 1 до 9 одделение како да размислуваат.Неопходно е да ги поврзуваат работите, да размислуваат „надвор од кутијата“. Нашите најмлади се оптеретени со непотребни факти. Се оптеретуваат со памтење а не како да размислуваат. Напамет треба да знаат колку земјоделска површина е посадена со ориз или пак со пченица а не како да се подигне продуктивноста на ориз или пченица. Треба да научаат како одредени податоци и факти да ги ставаат во одреден контекст и да ја разберат целата слика. Време е кај децата да се развива критичката мисла, начинот на размислување и интерактивното учење.

К.В.С.

Слични содржини