Ако надлежните здравствени власти дадат зелено светло за избори, на гласање се изјасниле дека ќе излезат 69,6 отсто од граѓаните, додека 19 отсто велат дека нема да се појават пред гласачките кутии, вели последната анкета на „Детектор“.

Само со повик од политичарите да се излезе на гласање, мнозинството граѓани велат дека не се чувствуваат безбедно за да учествуваат на изборите, 38,9 отсто од граѓаните велат дека доколку политичките лидери изјават дека кризата е завршена и повикаат на гласање, тие нема да се чувствуваат безбедни да гласаат, додека 37,5 отсто велат дека ќе се појават на гласачките места.

Доколку биде потребно подолго да се чека пред гласачките места согласно препораките за социјална дистанца, над една третина или 39,3 отсто од граѓаните велат дека воопшто нема да гласаат, додека 42,9 отсто велат дека ќе излезат на избори.

За граѓаните е многу важно и присуствово на набљудувачите на меѓународните мисии, пред се на ОБСЕ и ОДИХР. Според резултатите од истражувањето, 58,8 отсто од граѓаните велат дека без присуство на меѓународните мисии изборите нема да ги сметаат за фер и веродостојни додека само 19 отсто велат дека немаат проблем со тоа.

Три четвртини од анкетираните или 76,3 отсто велат дека на следните избори, државата треба да обезбеди маски, ракавици и пенкала за гласање, додека 15 отсто сметаат дека нема потреба за тоа.

Во однос на очекувањата на граѓаните за рестриктивните мерки, 59,3 отсто од нив сметаат дека следниот месец, мерките ќе бидат помалку рестриктивни, 23,2 отсто не очекуваат некоја промена додека 7,4 отсто очекуваат мерките да станат уште порестриктивни.

Истражувањето на јавното мислење е спроведено телефонски во периодот од 13 до 14 мај годинава, врз репрезентативен примерок од 1.108 испитаници со маргина на грешка од плус-минус три отсто.

Слични содржини