Акт на добра воља или потег за потсмев : Како „чекорите“ на владата ќе се протолкуваат од официјална Софија?

од Vladimir Zorba

Премиерот Зоран Заев неделава кажа дека еден од чекорите за да се одблокира процесот и да се воспоставта пријателски односи со соседна Бугарија е бришењето на „бугарски“ од спомениците и учебниците каде што постои таа придавка врзана со „фашистички окупатор“.

Неговата изјава предизивка бура во јавноста. Додека едни го поддржуваа, други жестокот го напаѓаа објаснувајќи ги називите како и непотребното мешање на политиката во историските факти.

-И покрај тоа што можеби премиерот Заев има добра воља, и со тој акт, сака да покаже цивилизациски напредок во севкупните односи со соседна Бугарија, особено во сферата на идентитетско-историските прашања, кои најмногу ги обременуваат нашите две држави и општества, за да се релаксираат односите, да се насочи енергијата и политичките дејствија кон решавање на проблемот кој официјална Софија го испречи пред нашите евроинтеграции, чисто се сомневам дека бугарските државни власти, ова ќе го протолкуваат како акт на добра воља, и со иста мера реторички и политички ќе го возвратат реципроцитетно, напротив, мислам дека ќе наиде на потсмев и цинично-иронични забелешки дека „ете македонскиот премиер“ конечно прогледал и ја осознал историската вистина, вели во разговор за „Локално“ Благојче Атанасовски, Магистер по политички науки на Правен факултет во Скопје, чија специјализација се политичките односи на Големите сили кон македонското прашање.

Заев спроти себе во спорот со источните соседи, според аналитичарот, го нема како свој пандан Алексис Ципрас, туку ретроградни, националистички, погледи вкопчени во својата национална историска корупка, од која ниту може ниту сака да излезе.

– Не вредат сите храбри потези на Заев, и покрај тоа што може да му наштетат на неговиот политички рејтинг, и да нанесат негативни поени и на неговата партија, кога во „лицето“ на официјална Софија нема искрен партнер за надминување на , во суштина, овој апсурден и нереално наметнат спор, ако може и да се концизира како спор, објаснува Атанасовски.

Според поранешниот пратеник Исмет Рамадани, премиерот Заев со неговата изјава се залага со предзнакот ,,бугарски’’ да не го поистоветува целиот бугарски народ со фашистичката идеологија.

-Во тоа време имаме Царска Бугарија,значи ненародна,која се ставила на погрешната страна. Кога политиката се става во историски контекст, со добра намера за решавајќи одреден проблем ,секогаш треба да се користи најдоброто за потиснување на најллошото.Премиерот покрај се има задача и одговорност да решава ,а не да создава проблеми, смета аналитичарот.

Време е да направиме нешто добро за државата и ова е добар потег на премиерот, вели поранешниот пратеник и амбасадор Нано Ружин.

-Сметам дека со вадењето на називот „бугарски“ пред фашистички окупатор“ ќе наиде на поддршка од страна на Бугарија и брзо решавање на спорот.Видете на ниту еден споменик во земјите во Европа не пишува „германски нацисти“, туку „фашистички окупатори“. Мора да се има компромис во оваа ситуација и нема „вин –луз“, туку секогаш ќе заврши со „вин – вин“ бидејќи и двете страни треба да бидат задоволни од договореното, објаснува Ружин, додавајќи дека премиерот треба во оваа ситуација да наиде на поддршка од своите соработници.

На прашањето дали и покрај обидите на Заев да се приближи до барањата на бугарската страна, може да очекуваме поместување на евроатлантскиот пат, со оглед дека нашиот сосед се уште нема влада, Атанасовски смета дека Бугарија и после третите по ред парламентарни избори во ноември оваа година, ќе има длабоко фрагментиран и шареколик парламен кој во суштина ќе биде поларизиран, па затоа би требало ние да бидеме внимателни и да не прогнозираме додека не се создаде извршна политичка влада.

-Доколку и се случи да се конституира влада, таа ќе биде повеќепартиска, па ќе видиме дали сите потенцијални внатрекоалициски партнери ќе бидат расположени веднаш да се влезе во „решавање на спорот со Македонија“. Доколку се случи формирање на центар-лево идеолошки профилирана влада, со „американските “ џокери во неа: досегашните службени министри Кирил Петков и Асен Василев, кои се американско-канадски воспитаници, можеби преку нив, официјален Вашингтон ќе изврши притисок да се вразуми официјална Софија за да продолжи европската иднина на Македонија и Албанија, односно да не се остави ваакум простор за пенетрација на евроазиските и азиските големи сили во прв ред Русија и Кина, да го пополнат геополитички овој простор, што е во чиста спротивност со високите надворешнополитички американски интереси на овој дел од европскиот контитент. Цело време потенцирам, дека бугарското вето во суштина е номинално вето кон Македонија, а реално вето на американскиот стратешки интерес, а свесно или несвесно одработување во корист на руските. Тоа Бугарите, ако не се вразумат со време, скапо ќе ги чини, онака како што ги чинеше Грците, со големата светска финансиска криза, која најмногу се почувствува врз грбот на грчките граѓани/ даночни обврзници, објаснува тој.

Рамадани смета дека ние во овој период треба да се однесуваме проактивно во создавање на простор кој ќе биде во прилог на изнаоѓање компромис,без да го повреди дигнитетот на двата пријателски народи.

-Тоа што Бугарија не успеа да состави политичка влада е нивен проблем,но ги отежнува преговорите токму во време кога,по мое мислење,како да ретерира од некои апсурдни ставови кои задираат во македонскиот идентитет и јазик.Затоа,ние треба да се однесуваме проактивно во создавање на простор кој ќе биде во прилог на изнаоѓање компромис,без да го повреди дигнитетот на двата пријателски народи.Бугарските политичари,претенденти за новата власт,во меѓувреме се наоѓаат во искушение како да ги дообјаснуваат нивните ставови кон нас,посебно тие апсурдните,пред адмистрацијата на САД и сега веќе разбудената ЕУ.Уверен сум дека геополитиката диктира темпо кое не става нас конечно во побрза трака кон евроинреграцијата.Ние треба да бидеме стрпливи и внимателни,посебно опозицијата,да не им ја отежниме работата на нашите стратешки пријатели, вели аналитичарот.

Радев го зголемува својот висок рејтинг

Во однос на тоа дали изјавата на бугарскиот преседател Румен Радев, во која побара и промена во македонските музеи е уште едно од барањата на нашиот сосед само за да не се реши спорот и вечно да останеме во чекалната на ЕУ, аналитичарот смета дека овие изјави пред ноемвриските претседателски избори се, за да се зголеми онака неговиот висок рејтинг.

-Во суштина, Радев и покрај тоа што номинално доаѓа како кандидат од левицата, што значи, во суштина и на практика, помалку националистички настроен политичар, со помодерни сфаќања и изгледи за иднината, тој во овој свој петгодишен мандат како државен глава на Бугарија, како да се натпреваруваше со ултранационалистот Красимир Каракачанов, кој ќе даде поиритирачка и попровоцирачка изјава во однос на т.н „македонско прашање“, кое има трауматично-фрустрирачки ракурс во целото бугарско општество, изминативе сто години кај источните соседи. Сепак, ниту Радев, ниту било кој друг политичар не е главната карика, која може да го блокира и понатаму нашиот евроинтегративен пат, туку откочувањето на истиот зависи од директното вмешување и големата, би рекол и брутална булдужер дипломатија на Американците, за да го стават во извесни временски рамки, да биде тргнато бугарското вето кон Македонија ( и Албанија), за да истиот спор не влезе во својот полн апсурд и се развлече повеќе од една деценија, како што беше примерот со „спорот за името“ со нашиот јужен сосед Грција, смета Атанасовски.

Претседателот Радев веќе е свесен дека мора да се излезе од рововската политика, коментира пак поранешниот пратеник Рамадани, додавајќи дека мора да се најде компромисно решение за теми кои можат да се разговараат.

-Не случајно се симнува до музеите знаејќи дека и од наша страна ќе се најде нешто што може да се корегира со инклузивно појаснување за двете страни.Да не заборавиме,по заедничкото патување со нашиот претседател Пендаровски во Рим,неговите ставови се движат кон рационално решение во спорот што го создадоа со нас.Мислам дека има и нешто друго,некој му шепнал дека не се победува на претседателски избори со ставови кои се пречка на евроатлантската геополитика.Ние сме дел од таа геополитика во НАТО ,заедно и со Бугарија.Затоа,нашиот проблем не е само наш проблем, вели Рамадани.

На Балканот фактите се завиени со идеологија која ја убива вистината

-Никако историјата не може да биде сменета, бидејќи фактички е таа: Германија, Италија, Јапонија, со нивните сојузници Унгарија и Бугарија биле тие кои воено, административно и политички ги нападнале/окупирале и заземале деловите од своите соседи, за кои сметале дека „историски ним им припаѓаат“, а населението во тие окупирани делови се борело да се ослободи од нив, објаснува Атанасовски.

Додава дека вреди да се менуваат историски факти за членство во ЕУ, доколку станува збор за прецизирање на историски научни факти, односно терминолошко утврдување на историската вистина односно да се замени „бугарскиот фашистички окупатор“ со терминот „Фашистичка Бугарија“, слично како што го употребуваме терминот „Нацистичка Германија“, за да се потенцира и укаже дека станува збор за еден исклучително срамен историски период од историјата на Бугарија (за воља на вистината, Бугарите и многу, многу не се срамат од тоа), во кој тие учествувале на страната на тројниот пакт, со нацистичка Германија и фашистичка Италија.

– Никако историјата не може да биде сменета, бидејќи фактички е таа: Германија, Италија, Јапонија, со нивните сојузници Унгарија и Бугарија биле тие кои воено, административно и политички ги нападнале/окупирале и заземале деловите од своите соседи, за кои сметале дека „историски ним им припаѓаат“, а населението во тие окупирани делови се борело да се ослободи од нив. Освен окупацијата на Вардарска Македонија, тие окупирале делови од денешна југоисточна Србија, северна Грција, и дали бараат Радев, Захариева, Каракачанов, Џамбазки и Борисов, и нивните, а и наши соседи Србија и Грција и тие да ги ревидираат своите историски учебници, во кои Грчињата и Србчињата се учат дека нивните соседи Бугарите биле окупатори на дел од нивните земји во текот на Втората светска војна?, прашува Атанасовски.

Според Рамадани, историските факти се дискутабилни само тогаш кога се интерпретираат со идеолошко бреме.

-За жал, на овие балкански простори фактите се завиени со идеологија која секогаш ја убивала вистината, смета аналитичарот.

Треба ли сега да се потпреме на Резолуцијата која едногласно се усвои во Собранието, со која е одредено за што можеме да преговараме, а за што воопшто не треба, Атанасовски подвлекува дека Резолуцијата е само заокружување на едни македонски црвени линии, за кои доцниме, можеби три децении.

– Затоа стартната преговарачка ситуација и со Грците во спорот за името, и сега со Бугарите за идентитетско-историскиот, но и јазично-културолошкиот спор ни се многу мали, и затоа исходот во решенијата генерално беше на наша штета. Македонија од старт се наоѓаше во асиметрична позиција, тие се членки на ЕУ и НАТО, ние претендираме да станеме, и тоа го злоупотребуваа(т) со неверојатни уцени и притисоци врз сржта на нашиот бит, суштина, нашето свето, а нашите политички елити, како „раскарани тетки на плот“, никогаш не се издигнаа над своите примитивни политичко-партиски пресметки, и не настапија државнички унисоно визави би си дозволил да речам налудничавите уцени и ултиматуми од нашиот јужен и источен сосед. Напротив, дури често, тие спорот со името, и сега севкупниот спор со Бугарите, кој според мене е дури посложен и помачен, покомлексен од тој за името, тие го злоупотребуваа за собирање на мизерни ситни партиски поени, свесно злоупотребувајќи ги најсентименталните чувства на граѓаните, објаснува аналитичарот Атанасовски.

Рамадани смета дека никој нема намера да ја занемари Декларацијата на нашиот парламент, додавајќи дека тоа не значи дека таа нема да се надгради со политичка и дипломатска умесшност во текот на преговорите.

-Академската содржина на Декларацијата е добра основа за внатрешен политички консензус на евентуален компромис со Република Бугарија.Впрочем и во досегашните преговори никој од Владата на РСМ не разговарал за прашања кои се однесуваат на македонскиот идентитет и јазик, вели тој.

Б.М.

Слични содржини