Актерката Ен Хече во тешка состојба по сообраќајна несреќа

од Stefanija Kuzmanovska

Американската актерка Ен Хече е хоспитализирана во тешка состојба откако со својот автомобил удрила во куќа во Лос Анџелес, објавија американските медиуми.

Противпожарната служба во Лос Анџелес извести дека возило удрило во двокатница во населбата Мар Виста во Лос Анџелес, предизвикувајќи структурни оштетувања и голем пожар.

Жената која била во автомобилот е пренесена во болница во тешка состојба, се соопштува. Наводно таа била интубирана.

Американските медиуми ги потврдија извештаите на порталот ТМЗ дека жената во синиот „Мини Купер“ била Хече.

Според фотографиите до кои дојде ТМЗ, 53-годишната актерка најпрво удрила во гаражата на една станбена зграда пред да замине, а подоцна удрила во куќа во Мар Виста „предизвикувајќи голема штета“. Следувал пожар кој 65 минути го гаселе 59 пожарникари, соопштија од противпожарната служба.

Нејзиниот автомобил бил целосно опожарен.

Хече глумеше во бројни филмови во 1990-тите, вклучувајќи ги „Шест дена, седум ноќи“, „Дони Браско“ и „Знам што направи минатото лето“.

Во текот на 1990-тите, таа беше во врска со водителката Елен Деџенерис.

Слични содржини