Активни 68 случаи, комисијата смета дека со затварањето на конфекциите состојбата во Штип ќе се нормализира

од Берта Китинска

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, во улога на Главен координатор на кризните штабови на единиците на локалната самоуправа за одбрана од Ковид и 19, денеска ќе го посети Штип.

Османи ќе се сретне со претставници на локалниот кризен штаб во проширен состав.

Mинистерот за здравство, Венко Филипче, информираше дека во Штип се затворени шест конфекции, дадени се 55 решенија за самоизолација, а во текот на следните денови ќе се тестираат околу 600 вработени. Досега се тестирани околу 100 лица.

Според вчерашниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) од почетокот на епидемијата во Штип се регистрирани вкупно 103 случаи, а во моментов активни се 68. Бројот на оздравени пациенти таму изнесува 33, а на починати 2.

Комисијата за заразни болести вчера не даде препорака за воведување карантин или полициски час, информираше државниот секретар во Министерството за здравство, Владимир Милошев, кој деновиве е постојано на терен и ја следи состојбата со новозаразените во Штип.

Тој рече дека на Комисијата за заразни болести е утврдено дека за Штип бројките се помали од вчера и поради тоа не е донесена одлука за препорака за карантин или воведување полициски час.

Побара од работниците кои се опфатени со тестирањето да не шетаат низ градот, туку да седат дома се додека не ги добијат резултатите, за на тој начин да се спречи ширењето на коронавирусот. Смета дека со затварањето на петте конфекции  состојбата во Штип ќе се нормализира. Милошев рече дека епидемиолозите од Центарот за јавно здравје од утрото се на терен и веќе ги земаат брисевите.

Слични содржини