Акцискиот план ја продолжува комуникацијата меѓу Скопје и Софија

од Берта Китинска

Акциски планови, со предлози, ја продолжува комуникацијата меѓу Македонија и Бугарија во обидот да се придвижи процесот.

Според пишувањата на бриселски „Еуроактив“ Бугарија практично поднела свој акциски план и со тоа, како што наведува, се обидува да ја намали напнатоста меѓу двете земји. Според дипломатски извори предлозите на Софија се поврзани со железницата, патиштата, инвестиции на бугарски компании во Македонија, како и отворање на кампуси на бугарски универзитети. Во планот имало и делови за учебниците по историја.

Бучковски по средбата со Захариева рече дека во следниот период работната група ќе ги разгледа коментарите од Бугарија и ќе биде изградена јасна позиција. Тој вели дека неговата улога како специјален претставник произлегува од напорите на македонската Влада да постигне решение во билатералниот спор со Бугарија и со тоа да се отстранат пречките за почеток на преговорите на нашата земја со ЕУ.

– Во тој контекст секоја моја службена комуникација со Софија е во функција на предложениот Акциски план од наша страна кој содржи конкретни чекори во делот за поврзување преку Коридорот 8, соработката во образованието, во енергетиката, културата, економијата, информатичкото општество. Сето тоа треба да создаде доверба меѓу народите, владите и државите. Без разлика на интензитетот на мои патувања и средби, очигледен е интересот на двете страни да не се дозволи замрзнување на односите или комуницирање само преку медиуми или посредници. Нашата блискост како два народи и две држави со заеднички моменти од минатото и заеднички погледи кон историјата не упатува и двете страни да преземаме чекори до наоѓање решение – изјави Бучковски за МИА.

Министерот Османи појасни дека наредниве денови внимателно ќе ги разгледаат коментарите од Бугарија, за да видат што од тоа може да се реализира, а што може да биде спорно.

– Ако нешто корисно произлезе од последните четири месеци обиди за комуникација е јасната искажана позиција на Бугарија дека не ги спорат идентитетските прашања. Може да видите бројни изјави на бугарски официјални претставници кои тоа го кажуваат. Оттука треба да се почне дека ова прашање не е прашање на ревизија на идентитетските атрибути и дека историјата како предмет на историската комисија има за цел да ги коригира учебниците во двете држави што создаваат токсичност во амбиентот и да ги приближи двата народа, но не историјата како основа на идентитетските прашања. Во основа тука е и проблемот, во недоволното разграничување околу предметот што го третира Договорот за добрососедство. Сметам дека со тек на време се повеќе се разграничува ова прашање – рече Османи во интервју на „Телма“.

Заменик-директорката на Европскиот совет за надворешни работи Весела Чернева потенцира дека сопирањето на евроинтегративниот процес на Македонија ќе предизвика раст на национализамот на Балканот и голема дестабилизација. Посочува дека актуелната бугарска гарнитура нема желба да направи позитивен исчекор во преговори и оти најверојатно треба да чека новиот естаблишмент по изборите.

Слични содржини