Албанија во мрак: Сушата и зголемените цени на струјата го „исклучија“ јавното осветлување

од Nikola Popovski

Албанија им нареди на сите градови да го исклучат осветлувањето на јавните згради и улици, поради енергетската криза предизвикана од сушата и зголемените цени на струјата.

Албанската државна електроенергетска компанија КЕШ затвори 11 од 13 турбини во хидроцентралите во неделата поради недостиг на вода во резервоарите, принудувајќи ја земјата да ги покрие повеќето потреби за електрична енергија со увоз, објави Ројтерс.

Албанија се обидува да го диверзифицира своето производство на електрична енергија со издавање градежни дозволи за соларни и ветерни компании за да ја намали нејзината целосна зависност од хидроенергијата. Земјата, која има 2,8 милиони жители, нема инсталирано производство на електрична енергија од фосилни горива.

Како и другите европски земји, Албанија се соочува со енергетска криза од минатата година, кога цените пораснаа и до пет пати.

Целото домашно производство на струја во Албанија зависи од хидроенергијата, а отсуството на врнежи во последните месеци, со прекумерната потрошувачка на нејзините резерви на вода, ја влоши и онака лошата состојба.

-Нападот на Русија врз Украина дополнително ги поттикна цените на енергијата, а владата во Тирана предупредува дека цените би можеле да скокнат до 1.000 евра за MWh, наведува Ројтерс.

-Дожд нема да има во следните две недели и работите само се влошуваат, поради што мораме да се потпреме на увоз. Од денеска увозот ќе биде поголем од домашното производство на струја, а во моментов имаме само два агрегатори кои работат на каскадата на Дрим, рече во видео пораката министерката за енергетика Белинда Балуку.

Албанската електроенергетска компанија КЕШ објави дека резервите на вода во нејзините три акумулации на реката Дрим се само 315 GWh, што е повеќе од 1.230 GWh минатата година.

Слична е состојбата и во другите помали приватни хидроцентрали кои учествуваат со околу 40 отсто во производството на електрична енергија.

Владата рече дека ќе мора да „инјектира“ околу 550 милиони евра (607 милиони американски долари) за увоз на енергија, но некои експерти велат дека сумата може да достигне и до 1 милијарда евра, се наведува во текстот.

Слични содржини