Бродот „Орику“ на албанската воена морнарица,кој е дел од мисијата на НАТО во Егејското Море, спаси 111 илегални мигранти кои се наоѓале во два гумени чамци и еден глисер.

Веста на својот профил на Фејсбук ја објави министерката за одбрана Олта Џачка.

-Имигрантите од Сирија, Ирак и Палестина се спасени во три одделни акции,за само неколку часа, од екипажот на бродот „Орику“ во водите меѓу Турција и Грција. Тие се предадени на турската крајбрежна стража,напиша Џачка.

Бродот „Орику“ на почетокот на месецов им помогна на 140 мигранти од Авганистан и Сирија, од кои 30 деца, безбедно да стигнат на копно.

Според Џачка од 2016 година,кога Албанија стана дел од мисијата на НАТО во Егејско Море припадниците на албанската морнарица спасиле повеќе од 2.200 илегални мигранти,меѓу нив голем број жени и деца.

Во рамки на оваа хумана мисија,чија цел е спасување на мигранти кои илегално се обидуваат да се префрлат преку Егејското Море, во неговите води пловат и албанските бродови „Бутринти“ и „Лисус“.

Слични содржини