Албанските партии „пишмани“ за „20% во Уставот“? „Повторно се покажа дека во деликатни моменти не можат да соработуваат како единствено тело“

од Vladimir Zorba

Повлекувањето една по една на албанските партии од барањето за остранување на „20%“ од Уставот уште еднаш меѓу другото покажа колку длабоки противречности имаат партиите на Албанците меѓу себе за ниска дневна политика, вели аналитичарот Урим Салиу, говорејќи за политичката актуелност во земјава околу уставните измени и барањето на партиите на Албанците за остранување на референцата „20%“ од Уставот, и истатата да се замени со „албански јазик“ и „Албанци“.

Урим Салиу

Урим Салиу

– Ова како и секогаш покажа дека во деликатни моменти не можат да соработуваат како единствено тело далеку од политичко-партиските интереси. Тука уште еднаш се покажаа нивните сојузи со македонските партии, но и колку се поделени кога станува збор за албанските интереси, за прашања кои се одамна отворени и може да се решат во дадениот момент. Не може секогаш да се бранат само државните интереси, ова е деликатно прашање кое еден народ го третира со процент, што е погрден. Нема никој против премиерот Ковачевски, кој свика сеопфатна средба на која европскиот пат на државата и уставните измени кои веќе се одлучувачки да продолжат понатаму, но во исто време оваа интеракција ќе треба да се случи меѓу партиите на Албанците во еден момент кога нивните отворени прашања мора конечно да се затворат, изјави Салиу за „Локално“.

Од друга страна, поранешниот пратеник Зуди Џелили вели дека отворените прашања очекуваат решение, и дека тоа ќе се случи во „хармонија меѓу народите“.

Зуди Џелили

Зуди Џелили

– Пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ ги вклучува сите можни промени што земјата мора да ги исполни во иднина. Ние сме тука, а отворените прашања чекаат да се решат. Се надевам дека ќе се решат во хармонија меѓу народите овде. Албанците ги разбираат пораките за зачувување на мирот, стабилноста и нивната перспектива на патот кон евроинтеграциите, изјавил Џелили за „Локално“.

Лидерите на парламентарни политички партии на Албанците, иако ова прашање го имаат како политички приоритет, порачаа дека нема да условуваат уставните измени за земјата да оди напред на патот кон ЕУ. Во меѓувреме, лидерот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари останува на ставот дека уставните измени за „20%“ мора да се случат.

– Сограѓаните Македонци треба да ги разберат Албанците за ова, како што ги разбираат Албанците кога станува збор за нивниот јазик, кој го оспоруваат Бугарите. Отворањето на уставот мора да се случи бидејќи Северна Македонија нема друга алтернатива. Воведувањето Бугари не го нарушува идентитетот на државата. Оваа можност за отворање овозможува и отворање на други прашања, како што е отстранувањето на 20 проценти за дефинирање на Албанците и Албанскиот јазик. Албанците отсекогаш биле на страната на Македонците кога станува збор за јазикот, така што и овие вториве треба да ни помогнат на реципрочен начин, изјави Таравари.

Д.Ј.

Слични содржини