Алегри: Секој погрешен чекор во групата може да биде фатален

од Vlatko K

Тренерот на Јувентус, Масимилијано Алегри смета дека „еден непромислен потег во Лигата на шампионите може да биде фатален“.

Вечерва, „бјанконерите“ го почнуваат својот марш кон трофејот кој не го освоиле од 1996-та, а од тогаш наваму загубија цели три финалиња – 2003, 2015, 2017 година.

Сега Јуве е двојно помотивиран да го грабне третиот трофеј во својата историја (по 1985 и 1996), бидејќи во оваа сезона во составот се гледа името на Кристијано Роналдо.

Тимот од Торино гостува на Валенсија на „Местаља“ во првата средба од групата „Х“, каде се уште тимовите на Манчестер Јунајтед и Јанг Бојс.

„Во моментов сме во добра форма по четири победи во лигата. Мора да работиме напорно за да се задржи балансот во составот. Манчестер Јунајтед и Валенсија исто така имаат многу искуство во Лигата на Шампионите“, изјави Алегри пред „Sky“.

„Да играш на овој стадион не е лесно. Ако запишеме добар резултат, ќе ни биде многу полесно да излеземе од групата. Ако ги исклучиме Јанг Бојс, тоа е група на три екипи во која секој непромислен потег може да биде фатален“, смета тој.

„Се уште решавам дали да играме со тројца или двајца халфови. Знаеме дека Валенсија игра многу компактно, а тимот поседува играчи со чудесна техника и брзина. Не смееме да го дозволуваме тоа, бидејќи тука има атмосфера која може да не оптовари со екстра напон. Треба да го одиграме натпреварот на совршено техничко ниво, а и треба да сме подготвени да ги контролираме промените во самиот натпревар“, заклучи тренерот на шампионот на Италија во последните седум сезони.

Јувентус е тимот, кој губел најмногу финалиња во Лигата на Шампионите – цели 7. Сега во тимот, сепак, е човекот со најмногу голови во историјата на турнирот – Кристијано Роналдо со 120 погодоци.

Слични содржини