Денес, 18ти Февруари 2016, Светиот Архиерејски Синод на Македонската православна црква – Охридска Ахриепископија конечно го одобри регистрирањето на Македонска православна епархија како правно лице во Австралија, со седиште во Сиднеј, во форма на непрофитно здружение на граѓани, сочинето од Македонските (православни) заедници чии храмови влегоа под надлежност на Митрополитот Дебарско-Кичевски, г. Тимотеј, во Декември 2012г. Иако Уставот на Македонската православна црква наложува Епархиите на МПЦ да бидат посебни правни лица, во согласност со граѓанските закони на државите во кои функционираат, со ова за прв пат во историјата ќе се случи Македонска православна епархија да стане правно лице во Австралија со одобрение на Синодот на МПЦ.

images (1)

Одобрените правила според кои ќе биде регистрирана Епархијата се резултат на преговорите на Здружението на Македонските православни заедници кои започнаа со специјална Синодска комисија на 5ти и 6ти Декември 2012г, во Скопје, Македонија, а потоа продолжија со г. Тимотеј како надлежен администратор во име на Синодот. И покрај бескрупулозните обиди на владиката Петар во изминатите три години да го минира формирањето и регистрирањето на новата Епархија, сепак денешната Синодска одлука е донесена едногласно.

Со ова се крунисуваат 20-годишните напори на членките на Здружението на Македонски заедници во Австралија да ги заштитат самоуправните надлежности на локалните македонски православни заедници врз своите храмови и други имоти, а притоа да останат во духовно единство со Светиот Синод на Македонската православна црква, во согласност со взаемно прифатени правила и законите и регулативите кои важат за други непрофитни организации кои се регистрирани како правни лица во Австралија. Така паѓаат во вода 20-годишните измамнички обвинувања на владиката Петар дека ваквата форма на воспоставување на храмови и Епархија е нецрковна и бизнис-компаниска. Притоа се става крај на неговите напори да ги приграби имотите на заедниците кои членуваат во Здружението и да ги стави под негово лична сопственост, со од него зависни попови како косопственици.

На сите верници, активисти, свештеници и заедници кои во изминатите 20 години претрпеа невидени искушенија за да дојдеме до денешната Синодска одлука, вклучувајќи сурови клевети, клетви, анатеми, екскомуникации, расчинувања, закани, физички напади, суеверни заплашувања по семејствата, лажни сведочења и лажни црковни судења, монтирани скандали, мултимилионски граѓански тужби, оспорување на Света Причест, крштевки, венчавки и погреби …, им ја честитаме истрајноста и плодот на саможртвата. На членовите на Светиот Архиерејски Синод им се заблагодаруваме и им честитаме што конечно го излгасаа предлогот за регистрирање на Сиднејско-Австралиската Епархија на МПЦ и покрај неверојатните притисоци и јавни закани и уцени на владиката Петар дека ќе ги дискредитира со кобни обвинувања и ќе го руши Синодот ако тоа го сторат. Особена благодарност упатуваме до Митрополитот Дебарско-Кичевски г. Тимотеј, кој остана доследен на вистината од почетокот до крајот на нечесната хајка на Петар.

За да биде денешната победа на вистината и правадата апсолутна, Синодската одлука е донесена едногласно, што значи дека и самиот Петар гласал за она што 20 години тврдеше дека е антицрковно и за што ги задолжи храмовите на МПЦ со десетици милиони долари во адвокатски трошоци да го спречи. Затоа и нему му честитаме што конечно се помирил со безнадежноста на неговата ‘кауза’, иако 20 години ни се закануваше дека или ќе биде по негово или ќе не уништи.

Игор А. Александров

Претседател

Здружение на Македонски заедници во Австралија

Слични содржини